Социјалдемократите во двете земји долго време беа против приклучување во воената алијанса, но воениот конфликт во Украина го промени ваквото размислување. Под притисок на стравот од прелевање на воениот судир, неутралните земји од северот на Европа размислуваат за членство во НАТО, со очекување дека како (иден) дел на нуклеарниот чадор ќе бидат позаштитени. Од друга страна, и НАТО мораше да се соочи со својата декларативна моќ, а практична немоќ да одговори на конкретни воени закани…

Опасна фаза и живот под сенка на глобален
светски судир

Украинскиот конфликт предизвикува сериозни глобални бранувања. Многумина аналитичари со сета сериозност укажуваат дека многу од ставовите што биле доминантни во врска со најважните безбедносни, воени, па и политички релации во светот ќе мора да претрпат сериозно преиспитување. Во една таква атмосфера, посебно внимание заслужува најавата што доаѓа од северот на Европа, дека две досега воено неутрални држави, Шведска и Финска, размислуваат да побараат членство во НАТО.

Опозицијата се премислува, се менува и јавното мислење

Изгледите за влез на Шведска и Финска во НАТО на крајот ќе може да се проценат според тоа колку луѓе ќе се чувствуваат исто како Питер Густавсон, пишува порталот „Политико“ во својата анализа за актуелните состојби во овие две земји. Долгогодишниот социјалдемократски пратеник во шведскиот град Упсала, кој сега уредува партиски билтен во Стокхолм, вели дека конфликтот во Украина ја наруши безбедносната слика со која се соочуваат руските соседи и дека сега е време Шведска да се приклучи на одбранбениот сојуз. Социјалдемократите како Густавсон, кој ја започна својата политичка кариера во младинското крило на партијата, се во главен фокус, бидејќи тие би можеле да бидат клучот за она што ќе се случи понатаму со членството во НАТО и во Шведска и во Финска.
Додека централнодесничарските опозициски партии во двете земји застанаа зад приклучувањето кон Алијансата и нејзиниот главен концепт за заедничка одбрана пред неколку години, социјалдемократите во двете земји останаа скептични, блокирајќи го секое движење кон пристапувањето. Ако таквите како Густавсон во голем број поддржуваат пресврт кон НАТО, тоа би можело да им даде на шведските и на финските социјалдемократски премиери повод за промена на безбедносната политика што се случува еднаш во генерација, сепак доколку се одлучат на таков чекор.
Во исто време, се менува и јавното расположение. Во Шведска, поддршката за влез во НАТО меѓу населението како целина се зголеми од околу 35 на 46 отсто во текот на изминатиот месец. Во Финска се искачи на над 60 проценти. Финската премиерка Сана Марин рече дека разговорите за потенцијалното членство во НАТО во нејзината земја треба да бидат завршени „оваа пролет“. Во меѓувреме, шведската премиерка Магдалена Андерсон рече дека дискусијата за безбедносната политика, вклучувајќи ја и опцијата за пристапување во НАТО, ќе биде завршена до крајот на мај.

Опасно соседство

Шведска и Финска се граничат со Русија преку Балтичко Море, додека Финска има дополнителна главоболка од копнената граница долга 1.300 километри со својот џиновски источен сосед. Додека другите шест западноевропски земји со балтичко крајбрежје ја побараа безбедноста во НАТО во последните децении, пратениците во Хелсинки и Стокхолм долго време се залагаат за неутралност. Додека таа неутралност официјално заврши со членството во ЕУ во 1995 година, за многу Швеѓани и Финци, особено од политичката левица, чекорот во НАТО сепак претставува непотребна провокација кон Москва. Но рускиот воен конфликт предизвика нова дебата во шведската и финската социјалдемократија. Досега ниту еден социјалдемократски пратеник не бил подготвен да поттикне иницијатива за приклучување во НАТО, но набљудувачите велат дека омекнување на тонот кон Алијансата може да се види во неодамнешните изјави на министерот за одбрана на Шведска, Питер Хултквист, и министерката за надворешни работи, Ан Линде.
Во Финска, социјалдемократите исто така остануваат внимателни со јавните изјави. Во истражувањето на финскиот национален радиодифузер ИЛЕ, сите социјалдемократски пратеници, освен еден, одбија да одговорат на прашањето за членството во НАТО. Онаа што одговори беше Суна Кимелаинен, која беше „за“ и рече дека го поддржала влезот во НАТО по руското припојување на украинскиот полуостров Крим. Сепак, таа рече дека е важно „да не се носат избрзани одлуки“ и дека дискусиите се во тек.
Набљудувачите сугерираат дека одлуката по конечната анализа на шведската безбедносна политика може да биде одлучувачка за двете земји, бидејќи може да биде тешко, со оглед на нејзината географска локација меѓу Шведска и Русија, Финска сама да влезе во НАТО. Од друга страна, ако Финска прво дејствува и објави одлука за приклучување кон НАТО, тоа би можело да ја присили Шведска да ја следи во чекор. Лидерите во двете земји рекоа дека ќе дејствуваат во нивните сопствени интереси, но дека сакаат да се договорат за заедничкиот пат.
Посебна тежина на нивната одлука дава фактот дека со евентуално приклучување кон НАТО, тие практично ќе го заокружат граничниот појас на Русија што излегува на Балтичко Море, што ќе донесе сериозна промена на геополитичката карта на Европа и светот. Оттаму, секој нареден чекор на овие две земји во тој правец ќе се следи со посебно внимание.

Ванковска: Влегуваме во опасна фаза и живот под сенка на глобален судир

Универзитетската професорка Билјана Ванковска во изјава специјално за „Нова Македонија“ дава свое мислење за промените што се случуваат на северот на Европа.
Ситуацијата во Украина доведе до сериозни преобмислувања за значењето на воената моќ и нејзината употреба во меѓународните односи. Така, под притисок на стравот од прелевање на воениот судир, неутралните земји од северот на Европа размислуваат за членство во НАТО, со очекување дека како (иден) дел на нуклеарниот чадор ќе бидат позаштитени. Од друга страна, и НАТО мораше да се соочи со својата декларативна моќ, а практична немоќ да одговори на конкретни воени закани. Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, веќе најави дека Алијансата ќе се прегрупира на начин на кој наместо ад хок реагирање на воени закани сега ќе стационира поголеми воени контингенти и оружје на своите источни граници. Поентата е дека НАТО, претставувајќи се како колективен систем на одбрана, досега не дејствуваше концентрирано, а секоја земја учествуваше само по потреба, на маневри или акции (како таа во Авганистан, на пример). Соочени со класична воена (супер)сила како Русија, тие сега почнуваат да размислуваат за соодветен одговор. Индивидуално, секоја членка на НАТО дополнително се опремува, како досега да не била воено заштитена. Точно е дека аресеналите се испразнија и сѐ што можеше да се достави до Украина е веќе испратено, па сега почнува нов бран на вооружување со уште помодерно оружје – вели Ванковска.
Таа додава дека трагедијата на ваквите настани на тлото на Европа е што наместо да се работеше на превенција и сега на мирно решавање на судирот по пат на преговори, спиралата е отворена, милитаризацијата зема замав, во стравот се големи очите, и конечно – крајот на оваа состојба не се гледа (дури и ако воените дејства завршат уште денеска во Украина).
Да биде иронијата поголема, евентуалното решение на украинскиот конфликт ќе се бара во воена неутралност на таа држава, додека во исто време традиционалните неутрални земји како Финска и евентуално Шведска би ја напуштиле таа своја долготрајна безбедносна позиција. Влегуваме во опасна фаза и живот под сенка на глобален судир во кој ако не се гине од бомби, ќе се гине од немаштија – заклучува Ванковска.

Подготвил: Марјан Велевски