Фото: Твитер

Владата на Гвинеја Бисау синоќа соопшти дека во обидот за државен удар загинале 11 лица, меѓу кои четворица цивили.

– Владата жали за загубата на 11 храбри луѓе за време на нападот. Единаесет војници и припадници на паравоени формации беа убиени, меѓу кои четворица цивили, возач и претставник на Министерството за земјоделство – изјави портпарол на Владата.

Засега се уште не се знае кои се авторите на обидот за пуч во вторникот, ниту пак причината, пренесува МИА.

Претседателот на Гвинеја Бисау, Умаро Сисоко Ембало заврчера рече дека до обидот за државен удар дошло поради неговите претходни одлуки за борба против шверцот на дрога и корупцијата.

Гвинеја Бисау, држава со приближно два милиона жители која се граничи со Сенегал и Гвинеја, претрпе неколку удари. Откако се стекна со независност од Португалија во 1974 година, по долга ослободителна војна, таа доживеа четири државни удари, од кои последниот беше во 2012 година. Од 2014 година властите се обврзаа на повторно воспоставување на уставниот поредок.

Од почетокот на 2020 година на власт е Ембало, поранешен генерал, по победата на претседателските избори, чии резултати ги оспорува Африканската партија за независност на Гвинеја.