Џојс Воткинс ја дочека слободата, за разлика од нејзиниот партнер/Фото: Принт-скрин

Седумдесет и четиригодишната Американка, Џојс Воткинс, неделава беше ослободена од затвор по 27 години поминати зад решетки, откако неправедно беше осудена за убиството за нејзината правнука, објавува „Си-ен-ен“.

Воткинс и нејзиниот тогашен партнер Чарли Дан на 26 јуни 1987 година отишле да ја земат четиригодишната внука Бренди од Кентаки, според судскиот извештај. Следното утро детето останало без свест, па Воткинс ја однела во болница во Нешвил.

Бренди претрпела тешки телесни повреди и починала следниот ден. Воткинс и Дан биле со девојчето во текот на девет часа, а патологот утврдил дека повредите биле здобиени во текот на тој период. Една година подоцна во август 1988, Воткинс и Дан биле осудени за убиство од прв степен и за силување. Двајцата поминале 27 години во затвор, со што Дан починал зад решетки во 2015 година.

Бренди била во домот на нејзината вујна Роуз Вилијамс, пред да ја земат Воткинс и Дан. А во тој период работник на социјалните служби ја посетил Вилијамс, откако добил информации дека Бренди била злоставувана. Вилијамс тврдела дека повредите на Бренди биле здобиени во несреќа на детско игралиште и истрагата била затворена.

Триесет и пет години подцна Воткинс била ослободена од обвиненијата, по долгогодишната правна борба во која таа имаше помош и од организација за докажување вина на неправедно осудените во Тенеси, како и од локалното обвинителство. Обвиненијата биле постхумно отфрлени и во случајот против Дан.

– Го добивме овој случај бидејќи Џојс ни се обрати – посочи Џејсон Гичнер, кој работи во организацијата „Тенеси иносенс проџект“.

Тие заедно успеале да докажат недоследности во обвинението, додека еден од медицинските експерти кој сведочел на судењето на Воткинс ја признал својата грешка.

– Сакам да им се заблагодарам на сите за нивните молитви и за помошта за да ме извадат од оваа мешаница, која ме чинеше половина од животот без никаква причина. Но јас ќе го надминам ова – порача Воткинс.

Обвинителството исто така ја призна грешката во случајот.

– Џојс Воткинс и Чарли Дан се невини. Ние не можеме на госпоѓа Воткинс, ниту на господинот Дан, да им ги вратиме загубените години, но можеме да им го вратиме достионството и да ги обелиме нивните имиња. Нивната невиност го налага тоа – порача локалниот јавен обвинител Френк Фанк.

Воткинс е првата Афроамериканка ослободена од државните власти во Тенеси, односно вкупно трета жена во историјата на американската сојузна држава.

Уште е непознато дали Воткинс и семејството на Чарли Дан ќе добијат финансиска компензација за времето поминато во затвор.