Здравствените власти во Велика Британија истражуваат десетици необјаснети случаи на акутен хепатитис и воспаление на црниот дроб. Случаите се претежно кај деца.

Слични случаи на хепатитис кај деца се пријавени и во САД и Шпанија. Некои од заболените деца во Велика Британија биле толку болни што морале да бидат подложени на трансплантација, соопшти британската Агенција за здравствена безбедност. Иако хепатитисот (А, Б, Ц, Д и Е) е предизвикан од вируси, ниту едно од децата не е заразено со вирус. Потенцијалните компликации на хепатитисот вклучуваат откажување на црниот дроб и смрт, а трансплантацијата на црн дроб најчесто се користи за лекување на краен стадиум при откажувањето на органот, објави списанието за детско здравје, „Стенфорд“.

– Зголемувањето на бројот деца со воспаление на црниот дроб е загрижувачки – вели д-р Рејчел Тејлор, педијатриски гастроентеролог во Кралската детска болница во Глазгов.

Тејлор и нејзините колеги ја проучуваат оваа појава. Симптомите вклучуваат повраќање, болки во стомакот, жолтица, темна урина, бледа столица, чешање на кожата, вкочанетост на зглобовите, болки во мускулите, треска, гадење, летаргија и губење апетит.

Причината за овие случаи на хепатитис останува непозната, но лекарите се сомневаат дека тоа може да е заразен патоген или внос на контаминирана храна, пијалак или допир со контаминирани играчки, се вели во извештајот.

Според некои стручњаци, болеста може да биде поврзана и со нов сој на ковид-19.