Фото: Принт-скрин

Наталија Усманова (37) за британски „Гардијан“ зборуваше за времето поминато во криење во лавиринтот од бункери од советската ера под фабриката „Азовстал“, по нејзината вчерашна евакуација од комплексот, при која беа ослободени 100 луѓе.

– Се плашев дека бункерот нема да издржи, чувствував голем страв. Кога бункерот се тресеше, бев хистерична. Мојот сопруг може да го потврди тоа. Бев толку загрижена дека бункерот ќе се урне – вели Усманова, опишувајќи го засолнувањето под земја.

Таа го опишува недостигот на кислород во засолништата и стравот што ги обземал присутните.

– Толку долго не го видовме сонцето – истакнува Усманова од село во регионот Донецк на 30 километри источно од Мариупол, каде што таа и преостанатите евакуирани од „Азовстал“ најдоа привремено засолниште.

Усманова излезе од фабриката во рамките на конвој договорен од Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

– Не можете да замислите низ што поминавме, низ ужасот. Живеев таму, работев целиот свој живот, но тоа што го видовме беше ужасно – објаснува Усманова.

До 100 илјади луѓе уште се во блокираниот Мариупол, вклучувајќи до илјада цивили, заедно со проценетите две илјади украински борци под фабриката за челик во Мариупол.

Додека руските сили се доближуваат до „Азовстал“, украинскиот цивили и борците утврдени во последниот бастион во Мариупол се соочуваат со постојано бомбардирање додека им снемуваат залихите, со што некои од нив размислуваат за очајнични мерки, објавува „Си-ен-ен“.

Заменикот-командир на азовскиот полк Свјатослав Паламар, вели дека борците и цивилите делат вода и храна, но оти времето им истекува.

– Се соочуваме со екстремен недостиг на вода и храна. Не можам точно да ви кажам колку ни преостанува, но можам да ви потврдам дека штедиме. Ако дојде до најлошото и останеме без храна, ќе фаќаме птици и ќе сториме се за да опстанеме – категоричен е Паламар.

Тој додаде дека украинскиот отпор засега ги држи позициите во Мариупол, додека Русија соопшти дека нејзините сили стигнале до околината на фабриката. Вчера беа евакуирани околу 100 цивили од „Азовстал“, додека се проценува дека дополнителни 100 цивили остануваат внатре. Не е познато точно колкумина борци се заробени во фабриката.