Роман Абрамович/Фото: Принт-скрин

Рускиот милијардер и сопственик на фудбалскиот клуб Челси во заминување, Роман Абрамович, и двајца членови на украинската преговарачка делегација вклучени во неформалните канали на комуникација помеѓу завојуваните страни, наводно биле цели на заговор за труење, откако развиле симптоми кои вклучувале лупење на кожата и иритација на очите по состанок одржан во Киев на 3 март, според тврдењата на „Волстрит џурнал“ и новинската истражувачка агенција „Белингкет“.

Британски „Гардијан“ смета дека случајот веројатно ќе остане мистерија и покрај „веќе виденото сценарио“ по кое се одвива. Засега не е познато ниту кои биле целите на наводното труење, со што се појави шпекулација оти тоа претставувало обид за саботажа на мировните преговори помеѓу Русија и Украина.

– Можеме ли да бидеме сигурни дека биле отруени? Всушност, не. Тројцата биле премногу зафатени за навреме да им дадат примероци за анализа на германските токсиколози. А симптомите во ниту еден миг не биле животно загрозувачки и нивната состојба делува подобрена. Па како и при вистинска руска мистерија, вистината можеби никогаш нема да биде позната – наведува „Гардијан“.

Еден Украинците за кои се тврди дека бил цел на труење е Рустем Умеров, кој оттогаш преку Твитер објави дека се чувствува добро.

– Ве молам не им верувајте на непроверените информации. Во тек е и информациска војна – порача Умеров.

Кремљ потврди дека Абрамович имал улога во раната фаза од мировните преговори помеѓу Русија и Украина, отфрлајќи ги извештаите за труењето како дел од информациската војна.

В предвид беа земени претходните обвинувања за обидот за убиство на рускиот опозиционер Алексеј Навални чија состојба се влоши при авионски лет во август 2020 година, како и случајот на двојниот агент Сергеј Скрипал кој беше пронајден во бессознание заедно со неговата ќерка Јулија во англискиот град Солзбери на 4 март 2018 година, по што беа во критична здравствена состојба. Подоцна беше утврдено дека биле отруени со нервниот агенс новичок. Велика Британија тогаш ја обвини Русија за нападот врз Скрипал и неговата ќерка, додека Москва негираше каква било вмешаност во инцидентот, што доведе до влошување на односите меѓу Русија и Западот. „Гардијан“ забележува дека имаше и познат случај на труење во Украина. Виктор Јушченко имаше амбиции да стане претседател, кога неговото здравје нагло се влоши како резултат на труење со диоксин во 2004 година, што беше утврдено подоцна, без да биде откриено кој е сторителот.