Институтот „Џенер“ на универзитетот „Оксфорд“ спроведува трета фаза од тестирањата за вакцината против маларија, позната како „Р21/матрикс-М“ во северна Танзанија. Вакцината покажа високо ниво на ефикасност од 77 отсто

Научниците што стојат зад вакцината против коронавирус на универзитетот „Оксфорд“ и „Астра зенека“, сега ја произведоа вакцината против маларија. Во северна Танзанија, при посетата на теренските испитувања на вакцината против маларија „Р21/матрикс-М“, директорот на институтот, Адријан Хил, истакна дека било многу потешко да се направи оваа вакцина да биде успешна. Ова се должи на тоа што плазмодиумот, односно паразитот што предизвикува маларија има повеќе од 5.000 гени, за разлика од коронавирусот, кој има 12. Плазмодиумот е организам што ги инфицира црниот дроб и крвотокот, а потоа и црвените крвни клетки.
Вакцината цели на протеинот циркумспорозоит (ЦСП), присутен површината на паразитот за време на спорозоитната фаза. Циркумспорозоитот ретко мутира меѓу четирите вида паразити што предизвикуваат маларија кај човекот. Човечкото тело не реагира лесно со целосен имунолошки одговор на туѓи протеини. Фокусот на делот „Р21“ од вакцината е на циркумспорозоитот, кој е засилен од патентираниот адјувант на „Новавакс“, за да се добие подобро насочен одговор на антителата. Клиничките испитувања сега се во третата фаза во четири земји во Африка: Мали, Танзанија, Кенија и Буркина Фасо.