Во досега најлошата суша забележана во Франција, селата што беа зафатени од суши беа принудени да се снабдуваат со вода од цистерни, земјоделците предупредуваат дека ќе се јави недостиг од млеко, а државната фирма за електродистрибуција ЕДФ го намали производството на нуклеарна енергија

Француската метеоролошка агенција соопшти дека државата е погодена од најтешката суша откако почна да се води евиденција во 1958 година и дека ќе се влоши барем до средината на месецот. Минатиот месец низ Франција падна во просек помалку од еден сантиметар дожд.
– Викендот на 15 август може да биде најтоплиот летово. Се очекува големи жештини да ја зафатат државата, кои тешко ќе се поднесуваат. Невремето проследено со грмежи ќе резултира со топол воздух и доста зголемена влажност на воздухот – изјави Жил Матрикон, метеоролог на францускиот метеоролошки телевизиски канал.
Матрикон додаде дека за претстојната сабота се очекува горештините да бидат насекаде интензивни. По тропска ноќ, со минимални околу 20 Целзиусови степени, максималните во попладневните часови во просек ќе достигнат од 34 до 37 Целзиусови степени. На истокот од земјата можно е живата во термометарот да се искачи до 40 Целзиусови степени.
Според „Ројтерс“, француското министерство за земјоделство предвидува дека жетвата на пченка ќе биде за 18,5 отсто помала оваа година во споредба со 2021 година. Недостигот од сточна храна поради сушата значи дека би можело да се јави и недостиг од млеко во месеците што следуваат, како што предупредија синдикатите од Националната федерација на земјоделци.
Топлото време предизвика проблеми со корозија за државниот нуклеарен оператор ЕДФ, бидејќи беше потребно да наложи дополнително одржување на половина од неговите 56 реактори, што го намалува капацитетот во услови на енергетска криза низ Европа.
Според Европската опсерваторија за суша, 45 отсто од територијата на Европската Унија е во фаза на „предупредување“, а 15 отсто во услови на тревога. Предупредувањето означува дефицит од влага во почвата, додека тревогата значи дека вегетацијата е загрозена.