Салтомортале на Блискиот Исток: Техеран со Вашингтон, а Ријад со Москва

Спасоносно решение на кое Бајден евентуално би можел да смета во овој момент е да му ги укине санкциите на Техеран и Иран да го „преплави“ светскиот пазар со својата нафта, придонесувајќи на тој начин за пад на цените. Предуслов за тоа е американското враќање во меѓународниот нуклеарен договор со Иран, од кој САД беа повлечени од страна на администрацијата на Трамп во 2018 година. Бајден сега енергично инсистира на тоа, сакајќи да ги заврши предолгите преговори со
Техеран за ова прашање, кои се водат уште од февруари минатата година во Виена

Воениот конфликт во Украина апсолутно го одвлекува вниманието на домашната и светската јавност. Но исклучително битни процеси во моментов се одвиваат и на Блискиот Исток. Таму, во фокусот на настаните, особено на големите сили, како САД и Русија, се Иран, Саудиска Арабија и, секако, Израел. Сето тоа во контекст на „црното злато“, односно нафтата.

САД можеби сега се сконцентрирани на Украина, но Саудиска Арабија им е постојано во фокусот

Поскапувањето на нафтата на светскиот пазар претставува сериозна закана за администрацијата на Бајден, односно за Демократската партија, во пресрет на претстојните есенски избори за Конгресот на САД. Порастот на цените на горивата сè посилно влијае на американската економија, а предизвикува и сè поголемо незадоволство кај граѓаните – ненавикнати на ова што се случува во моментов во САД. Претседателот на САД прогласи „вонредна состојба поради проблеми во снабдувањето со електрична енергија“. Во истиот контекст, тој се обидува да го реши проблемот со развој на алтернативни (зелени) извори на енергија (ветерници, соларни електроцентрали…).

Меѓутоа, нафтата и гасот сѐ уште се незаменливи, а такви ќе останат уште долго време, па паралелно со прокламираното „зеленило“, администрацијата на Бајден сепак се обидува да постигне пад на цените на „црното злато“ на глобалниот пазар.
Но оптимизмот за тоа сѐ повеќе спласнува. ОПЕК сега не е толку послушен на Вашингтон. Според некои добро упатени медиуми, саудискиот престолонаследник Мухамед бин-Салман со месеци ги игнорира телефонските повици од Бајден, па американскиот претседател е принуден лично да оди во Ријад.

Од друга страна, ОПЕК не сака да го зголеми производството над претходно договорените квоти со Русија во форматот ОПЕК плус. Поучен од не многу дамнешното негативно искуство, кога поради пандемијата на ковид-19, цените на нафтата паднаа на околу 40 долари за барел (краткотрајно паѓаа и многу пониско) поради што земјите извознички трпеа огромни финансиски последици во нивните домашни буџети. Токму во тој период ОПЕК плус се покажа како спасоносно решение.

Саудиска Арабија де со Русија, де со САД…

Според анализите на „Геополитика њуз“, ново „саудиско предавство на Русија“ (како во 1980-тите години, кога Ријад заедно со Вашингтон ја сруши цената на нафтата и ја растури економијата на СССР) во овој момент е малку веројатно. Одредени руски аналитичари оставаат простор и за вакво сценарио, имајќи го предвид познатиот арапски менталитет, малку со едниот – малку со другиот.

Но факт е дека сега руското влијание на Блискиот Исток доживеа рапиден пораст.
Најдобар доказ за тоа е неодамнешното учество на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на самитот на глобално моќниот Совет за соработка на арапските земји од Персискиот Залив, каде што тој учествуваше како единствен надворешен претставник. Таму немаше никаков притисок врз Москва, ниту, пак, закани за нејзино исфрлање од ОПЕК плус, како што претходно најавуваше „Волстрит журнал“. Напротив! Лавров реализира посета на Ријад, а пред тоа беше и во Алжир. Покрај тоа, рускиот министер ветува испораки на руска пченица до сите африкански држави што ќе имаат потреба од неа.

Во таа смисла, проблемот на Русија во овој момент е во нејзината малобројна бродска флота за превоз на житарки, поради што Москва, наместо изградба на сопствени бродови, секогаш се потпирала на изнајмување туѓи – како поевтина варијанта.
Сега тие бродови се недостапни поради американското ембарго за руски житарки, што го радикализира глобалниот проблем со недостиг од храна. Слично е и со танкерите за транспорт на нафта, каде што Москва претежно се потпираше на нивен закуп. Соочена со невидени санкции, Русија дури сега планира забрзана изградба на споменатите бродови и танкери – што е добро за нејзината индустрија, која е погодена од санкциите, но сепак е јасно дека станува збор за подолготраен процес.

Дополнително, самиот Бајден во март воведе ембарго за нафтата од Русија (му се приклучија само Канада и Велика Британија), отворајќи ја така Пандорината кутија на нестабилност во нафтеното снабдување и последователно енормно зголемување на цените. Овој ценовен шок уште повеќе го засили политиката на ЕУ, која исто така изгласа ембарго за руската нафта, иако ограничено (не се воведе ембарго за испорака преку нафтоводи, туку само за нафтените танкери) и со примена дури по шест месеци. Пазарот експресно реагираше и цената за барел „црно злато“ ја зголеми од 115 на 120 долари. Не се ретки аналитичарите што предвидуваат дека цената на нафтата може да се искачи и на 140 долари за барел.

Можно е и САД да ги укинат санкциите за Иран

Спасоносно решение на кое Бајден евентуално би можел да смета во овој момент е да му ги укине санкциите на Техеран и Иран да го „преплави“ светскиот пазар со својата нафта, придонесувајќи на тој начин за пад на цените. Предуслов за тоа е американското враќање во меѓународниот нуклеарен договор со Иран, од кој САД беа повлечени од страна на администрацијата на Трамп во 2018 година. Бајден сега енергично инсистира на тоа, сакајќи да ги заврши предолгите преговори со Техеран за ова прашање, кои се водат уште од февруари минатата година во Виена.

Меѓутоа, Бајден штотуку одби да го тргне иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда од листата на терористички организации (како што бараше Техеран), па ќе треба да размисли кои други отстапки ќе треба да ги направи за Иранците, доколку сака да ја постигне својата цел.

Иран, кој исто така подолго време не се придржува кон своите обврски од нуклеарниот договор (а и зошто би се придржувал, кога уште од 2018-та тоа не го прават ни Германија, Франција и Велика Британија, кои, поради стравот од американски санкции, решија да не тргуваат со Иран), сигурно нема да падне без ниту еден „испукан куршум“. Техеран знае дека го држи Бајден во свои раце и дека овој по секоја цена сака да го обнови договорот со Иран, иако, од друга страна, добро знае и дека ова можеби е негова последна шанса за укинување на долготрајните американски санкции, со оглед на можниот пад на Бајден, т.е. враќањето на традиционалните „непријатели“ на Иран – републиканците – на власт во Конгресот оваа есен, но и во Белата куќа по две години. Во таков случај, договорот со Вашингтон – тоа е сосема сигурно – би станал невозможен во текот на подолг период.