Новиот договор за членство во европскиот блок може да им овозможи на Украина, балканските земји и на другите да се приближат до Брисел и помоќно да ги поттикнат реформите, за разлика од досегашните строги правила

Анализа: Украина, Европа и моќта на придружното членство

Европа неодамна го прослави Денот на Европа додека на континентот владее конфликт. Европската Унија (ЕУ) се бори на својот препознатлив начин, ги користи сите инструменти на располагање за да води масовна економска војна за да ја спречи победата на Русија.
Европејците имаат измешани чувства за тоа колку членството во ЕУ ги штити во денешното меѓународно опкружување. Во јануари 2022 година, во анкета на јавното мислење спроведена за ЕЦФР, над 5.000 граѓани беа прашани дали тие веруваат во ЕУ или НАТО да ги заштитат интересите на граѓаните на ЕУ во случај на руска инвазија на Украина. Во повеќето земји, испитаниците повеќе веруваа во НАТО отколку во ЕУ. Една земја што има недвосмислени чувства за оваа тема е онаа што во моментов не ужива заштита на НАТО. Украина поднесе барање за членство во ЕУ неколку дена по почетокот на конфликтот. Комисијата вети одговор што е можно поскоро, но пораката од состанокот на Европскиот совет на 24 март, кој ги призна европските „аспирации“ на Украина и ја покани комисијата да се произнесе, сугерира дека членството сепак ќе биде прашање на години, а не на недели и месеци.

Критериумите од Копенхаген

За Украина, блискоста со ЕУ е од клучно значење, како и воената поддршка од Западот. Покрај наративот на Москва за близината на НАТО, важно е да се запамети дека Украина одлучи да потпише договор за членство со ЕУ наместо каква било апликација за членство во НАТО. Јавното мислење на ЕУ не се противи на подлабока интеграција со Украина. Каменот на сопнување лежи кај европските политичари и правилата што го регулираат проширувањето. Критериумите од Копенхаген, кои ја дефинираат подобноста за приклучување, се главно од економска природа. Земја растргната од војна, како што е Украина, тешко дека ќе може да ги исполни, што значи дека ЕУ ефикасно ѝ дозволува на Москва да одлучи за нејзината и за иднината на Украина.
Ултрабрзиот пристап во кој на Украина би ѝ се дозволил влез без да ги исполни критериумите од Копенхаген би бил штетен за ЕУ. Тоа би било неправедно и кон балканските држави, кои чекаат многу години за членство. Во моментов, една земја може да стане само полноправна членка на ЕУ или земја-кандидат. За да стане земја-кандидат, таа треба да поднесе барање за членство, а ЕУ треба да ја прифати како кандидат за да ги започне пристапните преговори. Но овие чекори може да траат со години, па дури и да не се остварат. Како што покажуваат случаите на Балканот и Турција, ова е еден вид неизвесност што може да доведе до никаде. Или некој е член или не е.

Како би изгледало придружното членство?

Но светот се промени кога изби конфликтот во Украина. Сега на Европа ѝ е потребно креативно размислување што одговара на овој нов момент. Одговорот е форма на придружно членство. Уште во 2002 година, претседателот на комисијата, Романо Проди, го навести ова кога зборуваше за „сè да се сподели со Унијата, освен институциите“. Говорот на францускиот претседател Емануел Макрон во Европскиот парламент на 9 мај ја постави идејата за европска политичка заедница надвор од ЕУ. Времето на овие идеи е дојдено, а предизвикот сега е како да се спроведат. Следниот чекор е да се создаде нова форма на членство или договор, со земјите што ќе бидат посветени на спроведување на реформите неопходни за членство во ЕУ. Иако Украинците јасно се идентификуваат со европскиот проект, на пократок рок на Украина ѝ се потребни зголемена безбедност, план за економска реконструкција и потврда за прозападна и проевропска ориентација.
Придружните членови ќе можат да седат во некои состави на Советот, но без гласање. Тие би можеле да испратат набљудувачи во некои комитети на Европскиот парламент или да се приклучат на сесиите на Европскиот совет и на крајот од секој состанок за да покажат дека се дел од европското семејство. Истото тоа би можело да се примени и за Европската комисија, каде што би можеле да испратат и набљудувачи. Тоа, исто така, ќе ѝ обезбеди на ЕУ нова моќ за притисок за реформи во овие земји, вклучувајќи и поголемо влијание врз прашањата за владеењето на правото и други прашања за кои минатите политики на проширување беа несоодветни да ги решат. Доколку отстапат во однос на човековите права, на придружните членови лесно може да им бидат одбиени нивните покани за присуство во Советот и на други состаноци. Поважно е што овој предлог би се однесувал и на државите на Балканот. Во сегашниот момент, таквата перспектива би ѝ понудила на Украина одредена непосредна сигурност за тоа што ќе се случува следно на нејзиното европско патување.

Испраќање јасна порака

Кога Европскиот совет ќе се состане на крајот на јуни, треба тоа да го понуди. Тоа би била моќна изјава и би била тотално спротивна на анемичниот одговор за тоа дека ќе биде потребно време да се разгледа украинското барање. Ова исто така би испратило јасна порака до Путин дека влогот сега е поинаков. Секој обид на Русија или на кој било друг актер да заземе нова територија по спроведувањето на договорот ќе се разгледува на ист начин за придружните земји како и за членките.
Додека ЕУ го подготвува шестиот пакет санкции, со вклучување на нафтените мерки, се чини дека земјите-членки ги достигнуваат границите на нивната кохезија со оваа алатка, се вели меѓу другото, во анализата на ЕЦФР.

Подготвил: Марјан Велевски