Евентуалниот глобален сојуз на земји што се обврзуваат на почитување на меѓународното право ќе бара од САД промена на нивниот начин на размислување, за што мора посистематски да се координираат со своите партнери и да го третираат зачувувањето на меѓународното право како основа за сите нивни дејства. Конкретно за Германија и за Европа, време е да преземат поголема одговорност, да обезбедат доволно воени и цивилни инструменти за управување со кризи, да го преземат водството во решавањето на меѓународните кризи и да се доближат до партнерите надвор од нивното непосредно соседство, анализира „Форин аферс“

Анализа: Меѓународното право и неговото почитување од страна на големите сили

Руската специјална воена операција во Украина означува пресвртница во историјата за многу аналитичари и медиуми. Според нив, таа практично го завршува поглавјето што започна на крајот на Студената војна, кога западните земји се обидоа да ја интегрираат Русија во меѓународниот поредок. Меѓутоа, многу влади го гледаат конфликтот како враќање на времето на Студената војна, кога беа принудени да изберат страна.
Историјата сама нема да се сврти во позитивна насока. САД, кои на моменти го поткопуваа меѓународното право во нивните надворешнополитички избори, треба да се заложат за почитување на нормите и законите што го дефинираат меѓународниот поредок заснован на правила, се вели меѓу другото во анализата на „Форин аферс“. Товарот за решавање на прекршувањата на меѓународното право треба да се подели порамномерно. Ваквиот напор бара глобален сојуз. Партнерството меѓу земјите што се обврзуваат на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Универзалната декларација за човекови права, треба да опфаќа земји од сите континенти. Меѓународната заедница не треба да биде еуфемизам за Западот. Перцепцијата дека продолжува да има конфликт меѓу Западот и Истокот води до тоа премногу земји да имаат неутрален став. Вината навистина лежи помеѓу оние што се обидуваат да го реафирмираат принципиелниот глобален морален и правен поредок и оние што не го прават тоа. Една нова глобална алијанса треба да застане во своите бескомпромисни напори за заштита на меѓународното право, меѓународното хуманитарно право и човековите права.

Преземање акција во време на криза

Новата германска влада покажа неподготвеност целосно да се приклучи кон можните санкции за Русија во украинскиот конфликт, но Вашингтон реагираше со трпение и им дозволи на Германците да ги средат разликите внатре и на крајот да се приклучат на консензусот. Меѓутоа, Германија, која е четвртата по големина економија во светот, мора да ја зајакне својата меѓународна улога. Тоа почна да го прави во времето на поранешната канцеларка Ангела Меркел. Берлин е вториот најголем финансиски учесник во системот на ОН, главен извор на поддршка за организацијата што го поткрепува меѓународниот поредок заснован на правила и е единствениот ентитет што може да се справи со глобалните предизвици. Заедно со Франција, Германија помогна во преговорите за договорот од Минск меѓу Русија и Украина што го запре конфликтот во 2014-2015 година. Заедно со генералниот секретар на ОН, Германија ја организира Берлинската конференција за Либија во 2020 година, чиј исход послужи како основа за крај на борбите таму и отвори патека кон политичко решавање на конфликтот. Германија е дел од групата земји што под водство на ЕУ преговараа и за иранскиот нуклеарен договор.
Но земјите очигледно очекуваат повеќе од Германија. Владата на актуелниот премиер Олаф Шолц вети дека Германија ќе преземе поголема одговорност на меѓународната сцена. Германија може да промовира стабилност на Балканот, Источна Европа, Централна Азија, поширокиот Блиски Исток и Северна и Супсахарска Африка преку енергична дипломатија, одржување конференции, претставувајќи се како домаќин на клучните играчи и ангажирање на другите со сите мирољубиви инструменти што се на располагање. Шолц, исто така, вети дека ќе ја зајакне посветеноста на Германија кон Европската Унија (ЕУ). Германија како земја може да направи многу за да го поддржи и да помогне да се стабилизира поширокото соседство на Европа, но само посилен европски блок може да направи разлика на глобално ниво.

Проблемот на националната исклучителност

САД остануваат најмоќниот глобален демократски актер, но исто така претставуваат и голем предизвик со својата исклучителност и идејата дека постојат над остатокот од светот и над правилата на остатокот од светот. Секако, Вашингтон во текот на дваесеттиот век ги промовираше демократијата и владеењето на меѓународното право, но сè уште има тешкотии да прифати дека и тој е предмет на тој закон. Меѓународниот поредок заснован на правила ќе преовладува само ако САД се обврзат на тоа. Тие во 21 век повеќе не се единствената суперсила што може да ги контролира случувањата во светот, која има способност и домашна поддршка да интервенира на глобално ниво. Многумина сметаа дека беше неопходно брзото американско повлекување од Авганистан за Вашингтон да се концентрира на многуте предизвици со кои се соочува дома, како образованието, здравството, инфраструктурата, разликите во приходите итн. Заминувањето на САД од Авганистан беше јасен показател на нивното постепено повлекување од меѓународното управување со кризи и повик за акција за другите: поширок глобален сојуз, вклучувајќи ја и Германија, која мора да ја пополни празнината.
Неподготвеноста да дејствуваат имаше висока цена за САД во минатото. За многу нивни сојузници, одлуката на администрацијата на Обама да не интервенира воено во Сирија во 2012 година беше пресвртница. Обама се двоумеше, сеќавајќи се на искуствата на САД во Виетнам, Ирак, Авганистан и Либија, каде што воените интервенции не ги дадоа посакуваните резултати, туку доведоа до долги операции, огромни човечки и финансиски трошоци и континуирани превирања.
Главните американски ривали, Кина и Русија, ја забележаа и ја искористија пасивноста на Обама и оттогаш тие ја проширија својата сфера на влијание. Секако, раководството на САД на светската сцена не е само проектирање воена моќ. Посветената дипломатија го поткрепува поредокот заснован на правила. Таков пример е иранскиот нуклеарен договор, кој беше дипломатско ремек-дело и покрај своите несовршености. Ниту еден друг голем меѓународен договор во последниве години не обедини толку многу големи сили, како Кина, Франција, Германија, Русија, Велика Британија, САД и ЕУ и со него се спречи можен конфликт во регионот, се додава меѓу другото во анализата на „Форин аферс“.

Простор за одговорност и за други играчи

Украинскиот конфликт претставува уште еден крстопат за меѓународниот поредок заснован на правила и за улогата на САД во глобалните прашања. Несомнено, администрацијата на Бајден ја презеде лидерската улога во спротивставувањето на руската специјална воена операција. Гласањето на Генералното собрание на ОН во март, со кое се осуди чинот, беше показател за меѓународно единство.
Но таа солидарност не е толку силна како што изгледа. Во многу земји, вклучувајќи ги и големите демократии, како Бразил, Индија и Јужна Африка, конфликтот се смета за враќање на динамиката на Студената војна што ги спротивставува САД и Западот против Русија. Многу луѓе во светот гледаат двојни стандарди во одговорот на САД. Глобалната економија оди во надолна линија, цените на енергијата растат, храната станува сѐ поретка и поскапа. Многу од засегнатите го гледаат ова како последица на „западните“ санкции на Русија, предводени од САД.
Бајден може да помогне да се негува глобален сојуз на земји што се обврзуваат на почитување на меѓународното право. Ова ќе бара од САД промена на нивниот начин на размислување, за што мора посистематски да се координираат со своите партнери и да го третираат зачувувањето на меѓународното право како основа за сите нивни дејства. Конкретно за Германија и за Европа, време е да преземат поголема одговорност, да обезбедат доволно воени и цивилни инструменти за управување со кризи, да го преземат водството во решавањето на меѓународните кризи и да се допрат до партнерите надвор од нивното непосредно соседство.

Подготвил: Марјан Велевски