Фото: МНР на Белорусија

Украина и Русија направија значителен напредок во однос на мировниот план, вклучувајќи прекин на огнот со руско повлекување, ако Киев објави неутралност и ги прифати ограничувањата за вооружените сили, според петмина упатени во разговорите, објавува „Фајненшл тајмс“.

Украинските и руските преговарачи првпат дискутирале за предложениот договор во понеделникот. Според предлог-верзијата која се состои од 15 точки, предвидено е Украина да се откаже од амбициите за приклучување кон НАТО и да вети оти нема да има странски бази или оружје на нејзината територија, а за возврат ќе добие заштита од сојузниците како што се САД, Обединетото Кралство и Турција. Двајца од изворите на „Фајненшл тајмс“ посочија дека можниот договор би вклучувал и осигурување на правото на рускиот јазик во Украина.

Но, природата на западните гаранции за украинската безбедност и нивното прифаќање од Москва би можеле да претставуваат голема пречка за постигнување на каква било спогодба, како и статусот на териториите кои прогласија независност или се под контрола на Русија од 2014 година.

Украинците се скептични, наспроти тоа што Москва и Киев истакнаа дека е направен напредок за условите, додека руски извор наведува дека договорот би можел на двете страни да им даде начин да прогласат победа во војната, ако биде постигнат, според информациите на „Фајненшл тајмс“.

– На секоја страна ѝ е потребна победа. Владимир Путин би можел да каже дека сакал да ја сопре Украина од приклучувањето на НАТО и да има странски бази и ракети на нејзината територија. Тој може да каже оти го добил тоа, ако се договорат – вели изворот на британскиот весник.

Советникот на украинскиот претседател Владимир Зеленски, Михаил Подолјак, во изјава за „Фајненшл тајмс“ истакна дека кој било договор ќе вклучува напуштање на руските трупи на територијата на Украина. Украина, пак, би ги задржала вооружените сили, но со обрска да остане надвор од воени алијанси како што е НАТО, како и да се воздржи од отворање на странски бази на нејзината територија.