Трите централноазиски држави Казахстан, Киргистан и Узбекистан денеска беа погодени од големи прекини на електричната енергија предизвикани од случаен дефект, што го наруши функционирањето на сите важни инфраструктурни објекти, објавија државните власти.

Голем дел од Алмати, главниот економски центар на Казахстан, е без електрична енергија, како и главните градови на Узбекистан, Ташкент и Киргистан, Бишкек.

Портпаролот на киргистанското Министерство за енергетика за „Асошиејтед прес“ изјави дека ситуацијата е последица од прекин во регионалната енергетска мрежа, без да наведе детали.

Електричната мрежа на трите поранешни советски републики е меѓусебно поврзана, а преку Казахстан е поврзана и со руската електроенергетска мрежа, која тие можат да ја користат за да компензираат неочекувани недостиг.

Узбекистанското Министерство за енергетика соопшти дека инцидентот е поврзан со прекин на електричната мрежа во Казахстан.

Според извештаите на медиумите, меѓународниот аеродром Манас во Бишкек морал да прибегне кон помошно снабдување со електрична енергија.

Медиумите во Бишкек јавуваат дека прекините на електричната енергија доведоа до исклучување на пумпите, што влијае и на водоснабдувањето.

Минатата есен, неколку земји од Централна Азија доживеаја големи прекини на електричната енергија, што укажува на застарена меѓузависна електрична мрежа во регионот.