Многу истражувања покажуваат дека консумирањето месо во богатите земји мора драстично да се намали за да се надмине климатската криза

Во следните три децении може да се намали уништувањето на шумите на планетата, доколку за 20 отсто ја намалиме потрошувачката на говедско месо и тоа го замениме со микробни протеини. На овој начин за половина ќе се намалат емисиите на штетни гасови што доаѓаат од глобалниот систем на прехрана, со намалување на уништувањето на растенијата и емисијата на метан што доаѓа од домашните животни. Новите истражувања покажуваат дека алтернативите за месо имаат послабо влијание на околината.
Дефорестацијата го уништува животот во шумите, но е тешко да се спречи. Стручњаците сметаат дека најдобар начин е да се намали побарувачката за производи што поттикнуваат уништување и тие да се заменат со зелени алтернативи. Микробниот протеин се одгледува во топли биореактори, како пиво, со помош на микроби нахранети со шеќер. Производот богат со протеини може да има вкус на месо и да биде еднакво хранлив, велат истражувачите.
Денеска 83 отсто од земјоделското земјиште се користи за животните и нивната прехрана, а месото и млечните производи учествуваат само со 18 отсто од калориите што ги консумираат луѓето. Производството на месо од преживари, главно од говеда, овци и кози, се дуплирало од 1961 година. Но многу истражувања покажуваат дека консумирањето месо во богатите земји мора драстично да се намали за да се надмине климатската криза.

– Прехранбениот систем учествува со третина од глобалните емисии на стакленичките гасови, со производството на месо од преживари како најголема причина. Добрата вест е што луѓето не треба да се плашат дека ќе јадат само зеленчук. Можат да јадат и бургери, но тие ќе бидат поинаку направени – вели Флориан Хумпенодер, истражувач во Институтот за влијание на климата во германски Потсдам.
Претходните студии покажале дека протеинскиот квалитет на микробиолошкото месо е еквивалентен на говедското, но тоа бара помалку земјиште и вода за 90 отсто и произведува 80 отсто помалку емисија на стакленички гасови. Со примената на микробните протеини ќе се намали побарувачката за говедско месо, а новите пасишта нема да бидат на простор на исечени шуми. Ако се успее во замената на говедското месо до 2050 година, дефорестацијата во светот ќе се намали за 82 отсто.