На Гренланд последните денови биле забележани температури од 20 до 30 степени над просекот за овој период од годината и тоа на многу места на големиот Арктик, објави данскиот метеоролошки институт.

Во главниот град Нуук на 20 декември температурата била 13 Целзиусови степени, а во овој период од годината просечната температура во тој град вообичаено изнесува -5,3 степени Целзиусови. Во Каанаак, на север, живата во термометарот се искачила на 8,3 степени a вообичаената температура за ова време била -20,1 степени.

– Една од причините за покачените температури е метеоролошкиот феномен „фен“, топол ветер кој почна доста често да дува на Гренланд. Малку е невообичаено што дува на толку голема површина и истовремено во долг временски период, бидејќи е присутен на поголемиот дел од западниот брег и дел од источниот брег на најголемиот остров во светот- објаснува климатологот од ДМИ, Каролин Дрост Јенсен.

Затоплувањето на Арктикот се случува три пати побрзо отколку на кое било друго место во светот.

– Планетарното глобално затоплување подразбира покачени температури какви што сега ги гледаме на Гренланд и тие се генерално повисоки отколку во минатото – вели климатологот Дрост Јенсен.

Во текот на летото, топлотниот бран со температури кои беа над десетина степени повисоки од вообичаените за сезоната, предизвика епизоди на „масовно“ топење на ледената капа на Гренланд. Тогаш секој ден се бележеа загуби од осум милијарди тони мраз, што е двојно повеќе од просечниот ритам за летниот период.