Косово

Косовскиот електроенергетски систем се соочува со многу тешкотии поради зголемената потрошувачка на струја, малото домашно производство и светската енергетска криза, која предизвика енормно зголемување на цените на меѓународните пазари. Жителите во новата година, но и деновите пред неа започнаа да користат агрегати за струја како солуција да го надоместат недостигот од електрична енергија, кој сѐ повеќе е присутен во земјата.

Косовецот Џељаљ Гаши мисли да ја затвори својата пекарница во Приштина. Тој не може да ги покрие трошоците откако властите ја поскапеа струјата, воведоа прекини и рестрикции во текот на денот.
– Обично плаќам околу 300 евра за мојата сметка за струја, но сега трошам од 100 до 110 евра дневно за да купам дизел за агрегатот за да можам да произведам струја – вели Гаши.

Во меѓувреме, многу фирми и домаќинства се префрлија на генератори за електрична енергија. Гани Фазлија, мајстор за поправка на генератори за струја, вели дека побарувачката во изминативе две недели за генератори во земјата се зголемила за приближно 200 отсто.
– Добивам најмалку 15 парчиња за поправка на ден, но сам човек не може да ги поправи сите – вели Фазлија.
Инаку, најголемиот дел од струјата во Косово се произведува од две стари електроцентрали на јаглен надвор од Приштина. Косово обично увезува од 10 до 15 отсто струја, но сега тоа изнесува околу 40 отсто, јавуваат косовските медиуми.

Подготви: Дејан Србиновски