Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека шенген-зоната треба да се реформира и да се управува преку редовни министерски состаноци, како и со еврозоната. На состанокот на европските министри за правда и внатрешни работи, Макрон рече дека таканаречениот Шенгенски совет би проценувал како функционира зоната, би донесувал заеднички одлуки и би овозможил полесна координација за време на кризи.
„Овој совет може да стане лице на силна, заштитничка Европа, која може да ги контролира нејзините граници, а со тоа и својата судбина“, посочи Макрон.
Тој рече дека првиот состанок на тој совет ќе се одржи кога следниот пат, на 3 март, ќе се соберат европските министри за правда и внатрешни работи.
Макрон за предлогот бара поддршка од другите земји-членки на ЕУ, но француските власти посочуваат дека нема да биде неопходно да се менуваат договорите на ЕУ.
„Треба да ја реформираме шенген-зоната. Не може да има слобода на движење ако не ги контролираме нашите надворешни граници“, рече Макрон.
Франција предлага и воспоставување кризен механизам, кој би можел да се активира во случај на закана за надворешните граници на Унијата.