Францускиот претседател отиде во Русија со уверување дека е можен договор за да се избегне војна во Украина, но и дека Русија има право да се грижи за сопствената безбедност

Францускиот претседател на разговори во Москва

Тензиите во Европа поради ситуацијата околу Украина и безбедносните гаранции доминираа како теми на средбата меѓу рускиот и францускиот претседател Владимир Путин и Емануел Макрон. Според официјални извори на нивните министерства за надворешни работи, францускиот претседател доаѓа со одредени идеи за наоѓање можни опции за смирување на тензиите во Европа.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека верува оти е можен договор за да се избегне војна во Украина, но и дека Русија има право да се грижи за сопствената безбедност. Тој за француски „Журнал ди диманш“ изјави дека целта на Русија „не е Украина, туку разјаснување на правилата со НАТО и ЕУ“. Макрон изрази надеж дека неговиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин ќе биде доволен за да се спречи воен конфликт и додаде дека верува оти Путин ќе биде отворен за разговори за пошироки прашања.
Францускиот претседател, кој во неделата разговараше и со својот американски колега Џозеф Бајден, повика на воспоставување „нова рамнотежа“ за да се заштитат европските земји и да се смири Русија. Тој повтори дека суверенитетот на Украина не е тема на разговор.