Една недела пред првиот круг на претседателските избори во Франција, Емануел Макрон ја продолжува изборната трка во водство според новата анкета на Опинион 2022, спроведена од институтот Елабе за БФМТВ, Експрес и СФР, објавена денеска, јавува МИА.

Според анкетата, претседателот во заминување е кредитиран со 28,5 отсто од намерите за гласање, за 0,5 поени повеќе. Зад него, Марин Ле Пен продолжува да напредува и има 22 отсто од испитаниците или 1 поен повеќе од минатата среда. Жан-Лук Меланшон, по неколкунеделниот напредок, сега е на третото место со 15 отсто, пад од 0,5 поени.

Потоа следуваат Ерик Земур и Валери Пекресе кои продолжуваат да паѓаат во анкетите. Двајцата кандидати губат по 1 поен и сега покажуваат 9,5 отсто и 8,5 отсто, соодветно Јаник Жадот има 4,5 отсто од анкетираните, многу блиску до важниот резултат од 5 отсто за неговата партија Европа Екологија-Зелени, што значи покривање на трошоците за предизборната кампања.

Зад него е Фабиен Русел, комунистичкиот кандидат кој доби 3,5 отсто од анкетираните и поврати еден поен во споредба со истражувањето на Елабе од средата. Следат Жан Ласал и Николас Дипон-Ењан, двајцата со 2,5 отсто, потоа Филип Путу и Ан Идалго. Кандидатката на социјалистите е кредитирана со само 1,5 отсто од гласачите, колку и кандидатот на Новата антикапиталистичка партија. На последно место Натали Арто, од Работничка борба, со само 0,5 отсто од гласовите на испитаниците.

Според оваа анкета, веројатното сценарио на вториот круг ќе биде меѓу Емануел Макрон и Марин Ле Пен, со резултат од 53 отсто наспроти 47 отсто. Ова е за 0,5 поени подобро за шефот на државата во споредба со последното истражување објавено во средата.

Неколку дена пред првиот круг на претседателските избори, 63 отсто од Французите велат дека се апсолутно сигурни дека ќе излезат на гласање, односно 2 поени повеќе за два дена, додека 15 отсто сериозно размислуваат за тоа.