Светската здравствена организација (СЗО) го разгледува предлогот од група научници

Група научниците изразиле загриженост до СЗО дека преовладува перцепцијата во јавноста дека вирусот на мајмунски сипаници е ендемичен и присутен кај луѓето во некои од африканските земји

Група научници испратиле барање до Светската здравствена организација за итна промена на името на мајмунските сипаници, а сегашниот назив го сметаат за „неточен“, „дискриминаторски“ и „стигматизирачки“. Тедрос Адханом Гебрејесус, генералниот секретар на СЗО, изјави дека организацијата работи со партнерите и стручњаците од целиот свет за да се смени името на вирусот на мајмунските сипаници, нејзините видови и болеста што ја предизвикува.

Слична загриженост беше изразена и на врвот на пандемијата со коронавирусот, кога новите варијанти на ковид добија имиња според земјите или регионите во кои за првпат биле откриени, што доведе до забрана за патување и други ограничувања за граѓаните од споменатите земји. Тогаш, СЗО го смени системот на именување на вирусот, додавајќи им на новите варијанти називи според буквите на грчкиот алфабет.
Во извештајот, научниците изразиле загриженост дека преовладува перцепцијата во медиумите и во научната литература дека вирусот на мајмунски сипаници е ендемичен и присутен кај луѓето во некои од африканските земји.

Британската здравствена организација за безбедност првпат алармираше по откривањето лице што заболело од мајмунски сипаници, а кое пристигнало во Лондон од Нигерија на 4 мај годинава. Но вирусот претходно се проширил кај луѓето, претежно меѓу мажите што имаат секс со мажи. СЗО во овој момент споменува два вида мајмунски сипаници, односно западноафрикански и конгоански.
– Во контекст на сегашната глобална епидемија, континуираното споменување на номенклатурата на овој вирус како африкански не е само неточна туку и дискриминаторска и стигматизирачка – забележуваат стручњаците, кои укажуваат на неадекватното прикажување фотографии со заболени пациенти од Африка, во информативните прилози во медиумите од северната полутопка на Земјата!

Во средата, директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека големината на епидемијата претставува висок ризик.
– Што повеќе се шири вирусот, тој ќе се шири и во „неендемските“ земји. Мораме итно да дејствуваме, за да се контролира оваа епидемија – предупреди тој во средата.
Во Балканскиот Регион првите случаи на мајмунски сипаници се регистрирани во Романија. СЗО за 24 јуни годинава закажа состанок на Комитетот за итни случаи, на кој ќе се разговара за ширењето на болеста, што претставува вонредна состојба за меѓународното јавно здравје. Од почетокот на годината, во 39 земји се пријавени повеќе од 1.600 случаи на мајмунски сипаници, а починале 72 лица.