САД распишаа награда во износ од милион долари за инфромации што би довеле до откривање и апсење на синот на ликвидираниот лидер на терористичката мрежа Ал Каеда, Осама бин Ладен, Хамза, јави Би-Би-Си, повикувајќи се на неименуван висок американски претставник.

Според истиот извор, САД сметаат дека Хамза бин Ладен е новиот лидер на Ал Каеда и дека се наоѓа во реонот на авганистанско-пакистанската граница.

Американскиот претставник посочува дека Хамза бин Ладен изминативе години објавувал видео и аудио пораки во кои повикува на напади вцз САД и нивните сојузници, во знак на одмазда за убиството на неговиот татко.

Осама бин Ладен, кога САД го обвинуваа дека е организатор на нападите во Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година во кои загинаа речиси 3.000 лица, беше ликвидиран во Пакистан во 2011 година, од страна на припадници на американските специјални сили.

Се претпоставува дека Хамза бин Ладен, кого САД пред две години го ставија на глобалната листа на терористи, има околу 30 години.

Според сознанијата на американското разузнавање, Хамза бин Ладен е оженет со ќерката на Мохамед Ата, кој беше еден од исламистите кои го киднапираа авионот што удри во зградите на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година.

Би-Би-Си наведува дека Хамза важел за „омилен син“ на Осма бин Ладен и дека бил подготвуван за преземање на раководењето со Ал Каеда уште додека неговиот татко бил жив.

– Веруваме дека веројатно се наоѓа на авганистанско-пакистанската граница… и може да замине во Иран. Но, тој би можел да биде насекаде низ јужна и централна Азија- наведува американскиоит претставник во изјавата за Би-Би-Си.