Велика Британија треба да донесе одлука што точно сака од преговорите за Брегзит, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел во обраќање пред претставници на германските компании.

Според Меркел, на Брисел и Лондон им претстојат шест до осум недели напорна работа за евентуално постигнување на договор во текот на октомври за истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

– Економијата сака јасни позиции. Најважно е што всушност сака Велика Британија. Досега дискусиите не беа многу јасни – оцени Меркел.

Таа одново ја предупреди Владата во Лондон дека не може да прифаќа само она што и одговара од заедничкиот пазар на ЕУ.

– Не можеш да бидеш дел од еден единствениот пазар, само во една сфера, но не и во останатите три – нагласи Меркел.

Германската канцеларка оцени дека идните односи меѓу Велика Британија и ЕУ треба да бидат регулирани на „што е можно најкоректен начин“, бидејќи ако тие се премногу општи, утврдениот преоден период од 21 месец нема да биде доволен за постигнување целосен трговски договор.