Вашингтон – САД ги предупредија кинеските превозници да не ги исклучуваат транспондерите на нивните бродови за да ги скријат иранските пратки на нафта, што ги крши американските санкции. Кина е најголемиот преостанат купувач на иранска нафта откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно воведе санкции за главниот извозен производ на Техеран. Трамп во мај ги заостри санкциите, во обид целосно да ја запре иранската продажба на нафта.

Пекинг – Кина се закани дека ќе преземе контрамерки, бидејќи американскиот Претставнички дом соопшти дека ќе усвои закони со кои им се дава поддршка на демонстрантите во Хонгконг. Кинеското МНР соопшти дека Претставничкиот дом применува двојни стандарди за насилството во Хонгконг, кое се крие зад превезот на борбата за човекови права и демократија.

Стокхолм – Речиси 20 отсто од населението од Шведска се родени надвор од земјата, што претставува нов рекорд за скандинавската земја. Вкупно 1.960.000 лица родени во странство сега живеат во Шведска, каде што бројот на странски жители е речиси удвоен помеѓу 2000 и 2019 година. Најчеста земја на потекло за мигрантите од 2000 до 2015 година е соседна Финска, но од екот на кризата со мигрантите, Сиријците ги надминаа финските имигранти и остануваат најмногубројни според земјата на потекло.

Вашингтон – САД извршиле сајбер-напади против Иран по нападите врз нафтените инсталации во Саудиска Арабија, за кои американската администрација го обвини Техеран. Анонимни американски претставници изјавиле дека компјутерската операција се случила кон крајот на септември, а нејзина цел била намалување на способноста на Техеран да шири пропаганда и дезинформации.