Њу Делхи – Најмалку едно лице почина, а 200 лица се лекуваат од непозната болест што ја зафати јужната индиска држава Андра Прадеш. Како што пренесуваат светските медиуми, болеста е откриена за време на минатиот викенд во античкиот град Елуру, познат по производство на рачно плетени производи. Според извештаите на агенцијата АП, пациентите од Елуру имале широк спектар на симптоми, од гадење до напади и несвестица, притоа наведувајќи дека многумина од хоспитализираните сепак закрепнале и брзо биле пуштени дома. Официјални лица се обидуваат да ја утврдат причината за болеста.

Лондон – Здравствените власти во Британија почнаа да вакцинираат луѓе со првите дози на вакцината против ковид-19 во многу очекуваната програма за имунизација. Првите 800.000 дози на вакцината развиена од „Фајзер“ и „Бионтек“, за која компаниите велат дека е ефикасна 95 проценти, ќе ги примат луѓето постари од 80 години што се хоспитализирани или во старски домови. Здравствените власти бараат од јавноста да биде трпелива, затоа што само оние што се изложени на најголем ризик ќе бидат вакцинирани во раните фази.

Каракас – ЕУ не ги признава резултатите од парламентарните избори организирани во неделата во Венецуела, бидејќи не смета дека изборниот процес е веродостоен, изјави шефот на европската дипломатија Жосеп Борел. Според него, партијата на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, која победи на изборите, кои опозицијата ги бојкотираше, му овозможува на Мадуро целосна контрола врз политичките институции во земјата, што е недозволиво според Брисел.

Вашингтон – Избраниот американски претседател Џо Бајден денеска треба официјално да го претстави калифорнискиот државен обвинител Хавиер Бесера за иден министер за здравство. Бесера, кој го поддржува Законот за достапна здравствена заштита, ќе добие главна улога со одлуката на Бајден во следењето на реакцијата на Владата на епидемијата на коронавирусот. Бајден исто така решил експертот за заразни болести на Харвард, Рошел Валенски, да биде на чело на Центарот за контрола и превенција од болести.