Букурешт – Романците викендов гласаа на парламентарни избори, на кои ќе донесат одлука дали проевропските либерали ќе останат на власт, кои се цел на критики за нивното справување со пандемијата на коронавирусот. Изборите се одржуваат по една година откако малцинската влада на Националната либерална партија ја презеде власта по распадот на кабинетот на Социјалдемократската партија, по низата корупциски скандали и масовните јавни протести. Премиерот Лудовик Орбан ги повика Романците да учествуваат на гласањето на, како што рече, „фундаменталните“ избори.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека иднината на земјата лежи во развојот на Арктикот и северните територии. Како што рече, тоа е важна насока, меѓу другото, од гледна точка на експлоатација на минералните суровини. Рускиот претседател минатата недела истакна дека Русија сака да ја задржи својата „супериорност“ на Арктикот и дека планира да ја обнови флотата за кршење мраз, за да го зајакне своето присуство таму, пренесе Ројтерс.

Париз – Илјадници луѓе, вклучувајќи ги и членовите на антивладиното движење „Жолти елеци“, протестираа низ Франција поради законската одредба што предвидува кривична одговорност за лицата што ги снимаат полицајците. Тензиите пораснаа во Париз, каде што демонстрантите со предмети ги гаѓаа припадниците на полицијата, кршеа излози и запалија неколку автомобили. Полицијата одговори со водени топови и солзавец, а досега низ земјата се приведени повеќе од 60 лица јави АП.

Пекинг – Кинеска сонда што носи примероци од површината на Месечината успешно се прицврсти со вселенско летало што кружи околу Месечината, објавија државните медиуми. Товарната капсула што носи лунарни карпи и земја викендов била закачена со орбитерот, објави новинската агенција „Ксинхуа“, која го нарече овој маневар првото кинеско „прицврстување во орбитата на Месечината“. Вселенска програма на земјата се надева дека ќе има вселенска станица со екипаж до 2022 година и евентуално да испрати луѓе на Месечината.