Вашингтон – Избраниот американски претседател Џо Бајден изрази желба за брзо почнување нови преговори со Иран, но во консултација со сојузниците на САД, и тоа откако повторно ќе се приклучи на меѓународниот договор за нуклеарната програма. Бајден во интервју за „Њујорк тајмс“ го потврди ставот што го искажа за време на кампањата за претседателските избори одржани на 3 ноември во САД. Тој во колумна во септември напиша дека САД ќе се вратат на договорот доколку Техеран строго се придржува кон обврските од тој документ.

Париз – Француската влада за борба против верскиот екстремизам ќе преземе повеќе активности, масовни и без преседан, меѓу кои е и претрес во џамии, изјави министерот за внатрешни работи Жерар Дарманин. Тој на Твитер напиша дека една од акциите ќе биде и проверка на 76 џамии во земјата. Дарманин истакна дека резултатот од полициските акции, доколку се утврди поврзаност со екстремизам, би можело да биде и затворање одделни џамии.

Њујорк – Годината што изминува веројатно ќе биде една од трите најтопли во историјата на човештвото, предупредија ОН, додавајќи дека постои можност до 2024 година да има привремено зголемување на температурата над прагот од 1,5 Целзиусов степен. Ова се наведува меѓу другото во извештајот на Меѓународната метеоролошка организација за состојбата на глобалната клима. Според организацијата, температурата соборува рекорди од година на година, а деценијата 2011-2020 ќе остане најтопла досега забележана, со шест најтопли години во неа.

Кабул – Пентагон ги одобри плановите за повлекување војници од Авганистан, кои ќе задржат две поголеми бази во земјата, потврди командантот на Генералштабот на САД, генералот Марк Мајли. Командантот на Генералштабот на американската армија најави дека, покрај двете поголеми бази на САД, тие ќе зачуваат и неколку сателитски бази. Сепак, тој не прецизира кои бази ќе бидат затворени. Мајли исто така рече дека американската армија ќе продолжи со своите две основни мисии да им помага на авганистанските безбедносни сили што се борат против талибанците.