Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој во 2017 година се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за неговите контакти со Русите. Трамп го објави помилувањето преку твит на 25 ноември, еден ден откако медиумите објавија дека Трамп им рекол на соработниците дека планира да го вклучи Флин во серијата помилувања што ќе ги издаде во последните денови од неговото претседателствување.

Пекинг – Истражувачите предводени од Светската здравствена организација би сакале да се вратат на пазарот на храна во Вухан, во Кина, за да ги испитаат првичните случаи на ковид-19 што се појавија во градот и да истражат како најверојатно првиот вирус се проширил од лилјаците. Питер Бен Ембарек, експерт во СЗО, рече дека тимот би сакал повторно да интервјуира рани случаи на ковид-19 и да открие заразени работници што можеби имаат „важни информации“ за тоа каде можеби се заразиле од коронавирусот.

Анкара – Турција потпиша договор за купување 50 милиони дози од вакцината против ковид-19 од кинеската „Синовак биотек“, изјави министерот за здравство Фахретин Коча, најавувајќи дека тие ќе бидат доставени во декември, јануари и во февруари. Експерименталната вакцина „коронавак“ предизвика брз имунолошки одговор, но нивото на произведени антитела е пониско отколку кај луѓето што закрепнале од вирусот, покажаа резултатите од првичните испитувања.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел ги предупреди граѓаните дека ограничувачките мерки против коронавирусот може да траат подолго од предвиденото. Канцеларката и претставниците на покраинските влади се согласија да го продолжат делумниот карантин до крајот на годината, но Меркел предупреди дека постои голема веројатност ограничувачките мерки да бидат во сила и следната година. Меркел рече дека за време на божиќните празници ќе им биде дозволено да се соберат 10 лица.