Лондон – Построг систем на локални ограничувања на три нивоа ќе стапи во сила во Англија по завршувањето на мерките што се во сила до 2 декември, објави Кабинетот на премиерот. Се очекува премиерот Борис Џонсон да го претстави својот план пред пратениците неделава, вклучувајќи притоа детали за семејните прослави и посетите за Божиќ. Предвидено е да бидат воведени построги мерки во повеќе области за да се одржи вирусот под контрола, а некои мерки ќе бидат засилени за да се зачува постигнатиот напредок, наведува Би-би-си.

Вашингтон – Џо Бајден ќе го избере дипломатот Ентони Блинкен за државен секретар на САД, изјави лице блиско до тимот на избраниот претседател, јавува Си-ен-ен. Блинкен е долгогодишен човек од доверба на Бајден, кој служеше како број 2 во Стејт департментот и како заменик-советник за национална безбедност во администрацијата на претседателот Барак Обама, во која Бајден беше потпретседател. Преодниот тим на Бајден одби да даде коментар, а Блинкен не одговори на барањето за коментар.

Минск – Илјадници Белоруси организираа нови демонстрации против Александар Лукашенко барајќи негова оставка. Групата за заштита на човековите права „Вјасна“ соопшти дека полицијата уапсила повеќе стотици демонстранти и дека тие претепале многу други учесници на протестот. Демонстрантите првично се собраа во различни делови на Минск за да ѝ ја отежнат работата на полицијата, но се соочија со репресија кога се обидоа да се обединат во центарот на главниот град. Полицијата употреби шок-бомби за да ги растера демонстрантите и почна да апси.

Вашингтон – Две лица загинаа, а неколкумина се тешко повредени во напад со нож што се случи завчера во црква во Калифорнија, објави полицијата во американскиот град Сан Хозе. Нападот се случил во Баптистичката црква во центарот на Сан Хозе. Градоначалникот на Сан Хозе, Сем Ликардо, најпрвин на Твитер напиша дека осомничениот е уапсен, но подоцна ја избриша таа порака на Твитер и изјави дека полицијата подоцна ќе објави до каде е истрагата за инцидентот.