Виена – Австриската влада призна дека не успеала да го следи предупредувањето што го доби од Словачка минатото лето за лицето што го изврши терористичкиот напад во Виена оваа недела. Словачката полиција на 4 ноември соопшти дека ги известиле своите австриски колеги оти „осомничени лица од Австрија“ се обиделе да купат муниција во соседна Словачка, но „не успеале во тоа“. Еден од осомничените бил и Кујтим Фејзулаи, кој е именуван како човекот што смртно застрела четири лица, а рани повеќе од 20 други, во центарот на главниот град на Австрија на 2 ноември, јави РСЕ.

Брисел – Земјите-членки на Европската Унија се согласија да воведат санкции кон Александар Лукашенко и за уште 14 други белоруски функционери, како одговор на нивната акција на постизборните протести. Вчера амбасадорите на земјите-членки на ЕУ дадоа зелено светло да им воведат визни забрани и да им се замрзнат средствата на Лукашенко и на другите функционери. Ваквата одлука треба да биде официјално потврдена денеска на состанокот во Брисел меѓу министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.

Берлин – Шефот на германската дипломатија, Хајко Мас, ќе оди во двонеделен карантин поради средбата што ја имаше со својата бугарска колешка Екатерина Захариева и со нејзиниот заменик Петко Дојков во Берлин во понеделникот, откако бугарското МНР вчера соопшти дека таа е во самоизолација, а Дојков бил позитивен на брз тест за ковид-19. Во карантин ќе оди и министерот за Европа во германското МНР, Михаел Рот.

Осло – Полицајците во Норвешка привремено ќе носат оружје. Таквата одлука е донесена по терористичките напади во Франција и во Австрија. Иако конкретни закани кон Норвешка нема, неодамнешните настани во Европа ги потсетија властите во Осло дека полицијата секогаш мора да ги земе предвид ризиците од несакани несреќи, јавува АП. Инаку полицијата во Норвешка вообичаено не носи оружје, но има во полициските патролни автомобили.