Нагорно Карабах – Ерменија и Азербејџан повторно се обвинија едни со други за кршење на примирјето постигнато со посредство на САД во едномесечните борби во регионот Нагорно Карабах. Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Азербејџан вчера соопшти дека Ерменија е таа што не успеала да го испочитува хуманитарниот прекин на огнот.

Вашингтон – Американскиот сенат ја изгласа Ејми Кони Барет за врховна судијка, што му обезбеди огромна партиска победа на Доналд Трамп, само осум дена пред изборите и ја зацврсти десничарската доминација во највисокиот американски суд во наредните години. Гласањето генерално беше формалност, затоа што сенаторите се целосно поделени по партиска линија, така што Барет беше изгласана со 52 наспроти 48 гласа, со тоа што само еден републиканец гласаше спротивно на својата партиска припадност, јави „Гардијан“.

Исламабад – Најмалку седум лица загинаа, а над 50 се ранети во бомбашки напад на верско училиште во пакистанскиот град Пешавар, како што соопшти тамошната полиција. Болниците известија дека меѓу загинатите се мажи на возраст меѓу 20 и 30 години додека меѓу повредените се четири деца на возраст од 13 години. Мотивот за нападот не е познат, а досега ниедна група не презеде одговорност, пренесе „Би-би-си“.

Њу Делхи – Индија и САД го потврдија нивното одбранбено и безбедносно партнерство додека Вашингтон продолжува да бара сојузници во Азија покрај загриженоста за зголемената кинеска воена активност во регионот. За време на вчерашната прес-конференција во индискиот главен град, американскиот министер за одбрана Марк Еспер и неговиот индиски колега Раџнат Синг го најавија потпишувањето на Договорот за суштинска размена и соработка (БЕКА), со кој ќе се овозможи поголемо споделување информации и зајакнување на одбранбената соработка меѓу двете држави, пренесе „Си-ен-ен“.