Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп, кој одби да учествува во виртуелната дебата со противкандидатот Џо Бајден, закажана за 15 октомври, која во меѓувреме е откажана, го најави своето присуство на партиски митинг во градот Санфорд во американската држава Флорида. Трамп, кој викендов се појави во јавноста првпат откако ја напушти болницата каде што се лекуваше од коронавирусот, од балконот на Белата куќа изјави дека „се чувствува одлично“.

Брисел – Еврокомесарот за надворешни работи Жозеп Борел изрази „екстремна загриженост“ во врска со кршењето на ерменско-азербејџанскиот прекин на огнот во конфликтот во Нагорно Карабах. Тој додаде дека 27-те земји-членки на ЕУ „бараат сите страни на теренот да го почитуваат договорот за прекин на огнот“. Борел исто така побара од конфликтните страни „веднаш да почнат вистински преговори“ под покровителство на Русија, Франција и САД.

Минск – Повеќе од 500 лица биле приведени од белоруските безбедносни сили во Минск, во, како што оценуваат набљудувачите, најнасилната акција во последните неколку недели против демонстрантите што бараат крај на авторитарното владеење на Александар Лукашенко. Полицијата употреби водени топови, шок-бомби и солзавец за да ги растера толпите во центарот на Минск, откако ги блокира централните улици и ги затвори станиците на метрото.

Пекинг – Кина одлучи во рок од пет дена да спроведе масовно тестирање во градот Чингдао, кој има девет милиони жители. Одлуката за масовно тестирање, како што јавува „Би-би-си“, следува откако во градот беа откриени десетина нови случаи со ковид-19, кои се поврзуваат со кластер од болница во која се лекувале пациенти пристигнати од странство. Конкретно биле откриени шест нови случаи со симптоми и исто толку асимптоматски. Ова не е прво масовно тестирање на еден град во Кина. Во мај кинеските здравствени власти иста мерка спроведоа и во Вухан, каде што живеат 11 милиони луѓе.