Брисел – Европската комисија објави дека постигнала договор со американската компанија „Гилијад“ за набавка на дополнителни дози за лекување на речиси 3.400 пациенти со лекот ремдесивир. Во соопштението се наведува дека Брисел постигнал договор со „Гилијад“ на крајот на минатата недела за испорака на речиси 20.300 дополнителни дози, кои ќе се користат за 3.400 пациенти за цена од приближно седум милиони евра. Ремдесивир и дексаметазон до денес се единствените одобрени лекови против ковид-19 во Европа.

Вашингтон – Полицаецот Дерек Чаувин, кој беше обвинет за бруталност при апсење со смртни последици кога почина Афроамериканецот Џорџ Флојд, е ослободен од затвор со кауција од милион долари, пренесуваат американските медиуми. Според судските документи, Чаувин исплатил милион долари, а Секретаријатот за извршување казни потврдил дека тој повеќе не во притвор.
Флојд почина на 25 мај, откако беше приведен од Чаувин.

Рим – Италија наложи задолжително носење маски во целата држава и на отворено, соопшти Министерството за здравство, откако Владата ја одобри мерката. Италија повторно забележува пораст на бројот на новозаразени во последните два месеца откако во првиот бран од март до мај годинава беше најголемо жариште во Европа на заразени од коронавирусот. Одредбата за задолжително носење маски на отворено веројатно ќе стапи во сила уште денес, откри владин извор.

Вашингтон – Сите американски единици во Авганистан би требало „да се вратат дома до Божиќ“, кажа американскиот претседател Доналд Трамп неколку часа откако неговиот советник за национална безбедност кажа дека Вашингтон ќе го намали бројот на своите војници во Авганистан на 2.500. Со договорот на САД и талибанците во февруари беше најавено дека странските сили ќе го напуштат Авганистан до мај 2021 г. во замена за талибанско ветување дека ќе се откажат од тероризмот.