Вашингтон – Американската комисија за претседателски дебати објави дека наскоро ќе донесе промена на форматот, за да се избегне повторување на хаотичната прва средба меѓу републиканецот Доналд Трамп и демократот Џо Бајден. Комисијата соопшти дека првата дебата „јасно покажала“ оти на преостанатите дебати им е потребна „дополнителна структура за да се обезбеди поредовна дискусија“. Една од можностите што се разгледува е модераторот да има овластување да му го исклучи микрофонот на учесникот во дебатата додека неговиот противник зборува.

Анкара – Во Турција стапи во сила контроверзниот закон за регулирање на содржината објавена на платформите на социјалните медиуми, што беше усвоен во турскиот парламент на 29 јули годинава. Законот се очекува да има застрашувачки ефект врз слободата на говорот и изразувањето во рамките на земјата. Неколку групи за човекови права сметаат дека тоа е политичка тактика за спречување на критиките кон функционерите на Владата во земјата, вклучувајќи го и претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп, го потпиша Законот за буџет за привремено финансирање на Владата до 11 декември, спречувајќи ја заканата од таканареченото „затворање“, на работата на федералната влада поради недостиг од државно финансирање. Предлог-законот беше усвоен со убедливо мнозинство во Сенатот завчера, со 84 гласа „за“ и 10 „против“. Текстот беше поддржан од двете партии, по договорот постигнат минатата недела од демократите и републиканците во Сенатот и Белата куќа.

Мадрид – Шпанската влада нареди воведување карантин во Мадрид и во околните општини, по зголемениот број нови случаи на коронавирус. Во согласност со новите рестрикции, на жителите нема да им биде дозволено да ја напуштат областа, освен за суштински патувања. Регионалната влада на Мадрид смета дека карантинот е законски невалиден.