Брисел – Најголемата политичка групација во ЕУ, Европската народна партија (ЕПП), реши да ја продолжи суспензијата на владејачката партија во Унгарија, Фидес, на неодредено време. Повеќето од лидерите на партиите на ЕПП го поддржаа предлогот на претседателот на ЕПП, Доналд Туск, за продолжување на суспензијата на партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан поради загриженоста за владеењето на правото и острата антиевропска реторика.

Техеран – Иранскиот суд осуди две лица, кои работеле за една хуманитарна организација, поради наводно шпионирање во корист на американската ЦИА. Во соопштението на судот се наведува двете лица се осудени на по десет години затвор за шпионажа и по пет години за дејствување против националната безбедност на земјата.

Вашингтон – Бројот на ученици бездомници во САД достигна рекордно ниво во изминатиот период. Најновите податоци покажуваат дека над 1,5 милион ученици бездомници живеат кај други семејства или пријатели, откако ги загубиле домовите. Од оваа бројка, седум отсто живеат во автомобили. Експертите предупредуваат дека живеењето без постојана адреса може сериозно да им наштети на образованието и здравјето на децата. Помалку од една третина од учениците бездомници можеле адекватно да читаат, а имале и пониски оценки по математика и по научните предмети.

Техеран – Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Техеран би можел да им го блокира пристапот на инспекторите на Обединетите нации до иранските нуклеарни објекти. Рохани додаде дека таквата опција ќе се реализира доколку земјата се соочи со нова ситуација. Иранскиот претседател претходно оствари средба со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, кој беше во официјална посета на Иран.