Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон ќе се сретне со белоруската опозициска лидерка Свјатлана Циханускаја за време на неговата утрешна посета на Литванија, јави АП. Циханускаја тврди дека победила на претседателските избори на 9 август во Белорусија, победувајќи го Александар Лукашенко. Таа побегна во Литванија, Лукашенко самиот во тајност на 23 септември даде заклетва како претседател на Белорусија предизвикувајќи бес во земјата и во странство.

Пекинг – Учителка од Кина е осудена на смртна казна затоа што затрула 25 деца во градинката каде што работела, од кои едното починало, пишува Би-би-си.
Воспитувачката Ванг Јун беше уапсена минатата година, кога деца од градинка во градот Џијаозуо завршија во болница затоа што им се слошило по јадењето каша за појадок. Потоа 23 деца почнале да повраќаат и ја изгубиле свеста по појадокот.

Багдад – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп може да ја затвори Амбасадата во Ирак ако Владата не преземе чекори за да ја заштити од напади. Државниот секретар Мајк Помпео му соопшти на премиерот Мустафа ал-Кадими за плановите за повлекување за време на телефонскиот разговор на 26 септември, објавија американските новински агенции. Официјално соопштение не е објавено. Соединетите Американски Држави ги обвинија милициите поддржани од Иран за истрелување ракети кон Амбасадата. која се наоѓа во силно утврдена зона во Багдад.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп и демократскиот предизвикувач Џо Бајден се очекува деновиве да ја имаат својата прва дебата, пет недели пред претседателските избори во САД. Бајден, според медиумите во САД, држи нова муниција по откритијата за даночното затајување на претседателот. Деталите за плаќањата на данокот на доход на Трамп се очекува да бидат главно прашање за време на дебатата во траење од 90 минути, откако тие излегоа на виделина на 27 септември во истражувачкиот извештај на „Њујорк тајмс“.