Пјонгјанг – Севернокорејски војници убиле и запалиле јужнокорејски службеник, соопшти вчера Јужна Кореја, осудувајќи го овој „брутален чин“. Како што пренесе Би-би-си, службеникот исчезнал од патролниот чамец во близината на границата, а подоцна бил пронајден во севернокорејски води. Според тврдењата од Сеул, севернокорејски војници го убиле мажот, а потоа неговото тело го полеале со нафта и го запалиле. Пјонгјанг засега не се огласи официјално за инцидентот.

Хелсинки – Дресирани кучиња со душкање ќе откриваат патници заразени со коронавирус на главниот меѓународен аеродром во Хелсинки, пренесува „Асошиејтед прес“. Овој експериментален метод за тестирање ќе трае четири месеци. Четири кучиња од различни раси, обучени од Финското здружение за откривање мирис, завчера почнаа со работа на главниот меѓународен аеродром во Хелсинки, како дел проект финансиран од финската влада.

Вашингтон – Двајца полицајци се застрелани на големите протести во Луизвил, најголемиот град во американската сојузна држава Кентаки, кои следуваа откако судот објави дека ниеден полицаец нема да одговара за убиството на Афроамериканката Бриона Тејлор, јави Си-ен-би-си. Медицинската сестра беше убиена на 13 март годинава, откако тројца полицајци упаднале во нејзиниот дом барајќи дрога. Само против еден од нив е поднесено обвинение, но не за смртта на Тејлор.

Москва – Русија соопшти дека го проширува списокот на европски официјални претставници на кои им е забрането влегување во земјата како одговор на тоа што тие го нарекуваат непријателски чекори против Русија и нејзините граѓани. Во соопштението на руското МНР не се прецизира кои се точно реципрочните мерки, но се наведува дека бројот на официјални претставници на ЕУ на кои ќе им биде забранет влез во Русија е ист како и на европската листа на која има Руси на кои им е забранет влез.