Вашингтон – Американските власти обвинија за шпионажа полициски службеник од Њујорк, под сомнение дека за кинеската влада собирал информации за градската тибетанска заедница. Според обвинението што денеска беше објавено, службеникот, кој работел во станица во Квинс, „добивал насоки од кинескиот конзулат во Њујорк“, јави АФП. Осомничениот полициски службеник бил роден во Кина, а добил политички азил во САД, тврдејќи дека бил мачен од кинеските власти поради неговата тибетанска етничка припадност.

Баку – Министерството за одбрана на Азербејџан денеска соопшти дека еден војник е убиен во инцидент во близината на границата со Ерменија. Според министерството, смртта на помладиот наредник во регионот Товуз во северозападен Азербејџан претставува најнова „провокација“ во услови на пораст на прекршувањата.

Москва – Едвард Сноуден, некогашен вработен во американската разузнавачка служба ЦИА, кој сега живее во Русија, се согласи пет милиони долари, кои ги заработил од продажбата на автобиографската книга и говорите што ги држел во светот, да ѝ ги предаде на американската влада, пренесува „Ројтерс“. Сноуден минатата година ја објави книгата „Перманент рекорд“ и со тоа го прекрши договорот што го склучи со ЦИА и со Американската агенција за национална безбедност.

Цирих – Граѓаните на Швајцарија на 27 септември на референдум ќе се изјаснат дали се за купување воени авиони. Голем број од граѓаните истакнуваат дека државата не може да си дозволи таков трошок ниту треба најмодерни авиони за заштита на својата територија, што може да се прелета само за 10 минути. Тие исто така наведуваат дека и Ирска, Малта и Луксембург немаат млазни авиони и оти планираните шест милијарди швајцарки франци за авиони се фрлање пари.