Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го соопшти своето барање за пратенички имунитет од судско гонење поради обвиненијата за три случаи на корупција. Нетанјаху објави на Фејсбук дека „одлучил да не дозволи продолжување на таквата валкана игра“. Тој е обвинет за измама, злоупотреба на довербата во три случаи, вклучувајќи и мито во еден од нив. Нетанјаху ги негира сите обвинувања.

Хамбург – Германскиот политички магазин „Шпигел“ се извини за објавувањето на погрешната информација, според која американската војска го ослободила озлогласениот нацистички концентрационен логор Аушвиц. Грешката најпрво ја воочиле корисниците на социјалните мрежи. „Шпигел“ потоа ја поправи својата објава и напиша дека логорот го ослободила Црвената армија. Аушвиц го ослободија советските војници на 27 јануари 1945 година.

Вашингтон – Американскиот претседател, Доналд Трамп требаше вчера да го објави долгоочекуваниот мировен план за Блискиот Исток. Трамп претходно порача дека на Палестинците би требало да им се допадне планот и оти смета дека е добар за нив. Светските медиуми наведуваат дека планот е резултат на тригодишните напори на високите советници Џаред Кушнер и Ави Берковиц, како и на Џејсон Гринблат. Предлогот е напишан на повеќе од 50 страници и има цел да го реши најтешкиот проблем на Блискиот Исток.

Брисел – Земјите-членки на ЕУ се согласија на црната листа да стават неколку руски службеници што спроведувале избори на Крим во септември 2019 година. Според високи претставници на Унијата, постигнат е договор за воведување ограничувања за неколку руски функционери поради ланските избори на Крим и во Севастопол. Конечната одлука требаше да биде донесена вчера на седницата на Советот за општи работи на ЕУ.