Унгарија – Унгарскиот премиер Виктор Орбан со декрет им забрани на странците влез во земјата, со мали исклучоци, кои се однесуваат на државните функционери што организираат официјални настани, лица што примаат медицински услуги, странски студенти… Двонеделниот карантин е задолжителен и за Унгарците што се враќаат од странство.

Израел – Првиот комерцијален лет од Израел кон Обединетите Арапски Емирати, планиран за вчера, ќе биде голем чекор во нормализацијата на односите меѓу двете земји по склучувањето на мировниот договор, јавува Би-би-си. Се очекува да го прелета саудискиот воздушен простор, досега блокиран за израелските авиони. Обединетите Арапски Емирати се само трета земја на Блискиот Исток што го признаа Израел од неговото основање во 1948 година.

САД – Поранешниот потпретседател Џо Бајден ќе ги лиши Американците од правото да купуваат и да користат огнострелно оружје, соопшти на Твитер Националната стрелачка асоцијација (НРА)
– Ако Џо Бајден победи, тој ќе го уништи нашиот втор амандман и Америка ќе стане непрепознатлива – порачаа од организацијата.

Јужна Кореја – Здравствените власти на Јужна Кореја 18 дена едноподруго се соочуваат со трицифрен број на нови случаи секој ден, предупреди министерот за здравство Парк Неунг-ху. Од 248 нови пациенти во последните 24 часа, 187 се од Сеул, а министерот Парк предупреди дека станува сè потешко да се следат начините на инфекција кај пациентите во последните две недели, пренесува АП.