Вашингтон – Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека конечниот извештај на Комитетот за разузнавање на американскиот Сенат за руското мешање во претседателските избори во 2016 година покажал дека тој немал дослух со Русија или со Украина. Петтиот и последен извештај на Комисијата предводена од републиканците се правеше речиси повеќе од три години, а во него беа детализирани сите напори на Русија да се меша во изборите во 2016 година во име на Трамп, јави Си-ен-ен.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел се спротивставува на олеснувањето на мерките поради зголемувањето на бројот на заразени со коронавирусот. По состанокот со гувернерот и министрите на Северна Рајна-Вестфалија, најголемата држава во германската федерација, Меркел рече дека Германија е „среде пандемија“ и ги повика граѓаните да ги почитуваат правилата за физичко дистанцирање и да ја одржуваат хигиената.

Москва – Русија соопшти дека не се гледа брз договор за преговорите за нуклеарното вооружување со САД, иако договорот за ограничување на стратегиското атомско оружје треба да истече за околу шест месеци. Како што пренесуваат западните агенции, двете нуклеарни сили веќе преговараа за иднината на договорот во Виена, но засега нема знаци на напредок. Според „Ројтерс“, преговорите во Виена за еден од последните важни билатерални договори за вооружување, Новиот СТАРТ, треба да продолжат од следната недела.

Берлин – Германските власти соопштија дека потенцијален терористички чин предизвикал неколку судири на неколку улици во Берлин, по што настанало привремено прекинување на патниот сообраќај. Според последните информации, повредени се шест лица, од кои тројца сериозно. Инцидентот се случил во вторникот вечерта кога 30-годишен Ирачанец се забил со автомобил во неколку возила, пишува „Билд“. Властите сѐ уште испитуваат дали Ирачанецот, кој се чини дека е ментално нестабилен, припаѓа на некоја исламистичката групација.