Москва – Руската федерална служба за безбедност уапси војник на Црноморската флота во Севастопол, под сомнение дека откривал информации што претставуваат државни тајни. Како што јавуваат руските агенции, федералната служба за безбедност во Севастопол вчера уапсила војник на црноморската флота што собирал и пренесувал информации што претставуваат државна тајна до генералниот директор за разузнавање на украинското министерство за одбрана. Осомничениот војник може да добие затворска казна од 12 до 20 години, а истрагата за случајот е во тек.

Пјонгјанг – Во Северна Кореја досега биле тестирани повеќе од 1.000 лица на коронавирус, меѓу кои немало заразени, потврди претставникот на СЗО, Едвин Салвадор, пренесува Си-ен-ен. Засега во земјата вкупно биле тестирани 1.211 лица на коронавирус од 16 јуни, а сите резултати биле негативни.

Лондон – Поранешниот британски амбасадор во Турција Ричард Мур од вчера е назначен за нов челник на владината тајна разузнавачка служба на Велика Британија, МИ6, јавува агенцијата Анадолија. Како што пренесува агенцијата, Мур служеше на функцијата амбасадор на Велика Британија во Анкара во периодот од јануари 2014 до декември 2017 година. Новиот шеф на МИ6 ќе го наследи сер Алекс Јангер, кој беше челник на разузнавачката агенција во последните шест години.

Минск – Белоруската државна новинска агенција „Белта“ објави дека „32 странски милитанти“ од приватната руска воена компанија „Вагнер“ биле приведени во близината на Минск само неколку дена пред претседателските избори во земјата. Белта, исто така, објави дека уште еден осомничен бил приведен на југот на земјата. Претседателот Алиаксандар Лукашенко свика состанок на Советот за безбедност и му наложи на началникот на безбедносните служби Валер Вакулчик, да побара објаснување од Москва.