Вашингтон – Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, пред британските законодавци истакна дека претседателот на Светската здравствена организација СЗО Тедрос Аданом Гебрејзус е „купен“ од кинеската влада, јавија западните медиуми. Помпео на состанокот зад затворени врати пред поканетите британски пратеници изјави дека своите обвиненија ги темели врз цврсти разузнавачки основи, но притоа не даде детали.

Киев – Украинската полиција уапси осомничени соучесници на човекот што држеше 13 лица како заложници во градот Луцк, соопшти главниот портпарол на украинското министерство за внатрешни работи, Артјом Шевченко, пренесува ТАСС. Напнатата ситуација заврши без жртви откако претседателот на Украина Володимир Зеленски разговараше со грабнувачот и со соучесниците по телефон и се согласи на едно од нивните барања.

Дамаск – Сириската владејачка партија Баат и нејзините сојузници го освоија мнозинството на парламентарните избори во Сирија, земја што е разурнатата од војна и која се соочува со сѐ поголема финансиска криза, покажуваат резултатите објавени од сириската изборна комисија. Неделните избори беа третите парламентарни избори од почетокот на граѓанската војна во земјата, која започна во 2011 година. Изборите требаше да се одржат во април, но тие досега двапати беа одложувани поради пандемијата на коронавирусот.

Вашингтон – Предупредување за цунами е издадено на Алјаска по земјотрес со интензитет од 7,8 степени според Рихтер, соопшти Американскиот геофизички институт. Според американските медиуми, епицентарот бил на 98 километри југозападно од Перивил и на длабочина од 10 километри. Како што информираат медиумите, предупредувањето за цунами се однесува на области 300 километри од епицентарот.