Вашингтон – Американската фармацевтска компанија „Модерна“ ја заврши првата фаза од клиничките испитувања за вакцина против новиот коронавирус, соопшти синоќа медицинското списание „Џурнал оф медицин“. Како што пренесуваат американските медиуми, научниците заклучиле дека не се јавиле пречки за изведување понатамошни испитувања и затоа разработката на вакцината продолжува.

Џакарта – Најмалку 16 лица загинаа, а стотици други се раселени од нивните домови поради лизгање на земјиштето и поплавите што го погодија островот Сулавеси во Индонезија. Спасувачите сè уште трагаат по 23 исчезнати лица во поплавите што го погодија Северен Лубу, област во провинцијата Јужен Сулавеси, изјави Радитја Џати, портпарол на агенцијата за спасување во Џакарта, пренесува АП. За неколку дена, поради обилните дождови, се излија три околни реки, што предизвика евакуација на повеќе од 650 лица, соопштија локалните власти.

Берлин – Германската полиција изврши рација во 20 куќи и компании во Берлин, поради сомнение за поврзаност со исламски тероризам. Во рацијата биле ангажирани околу 450 припадници на полицијата, пренесува германската новинска агенција ДПА. Берлинското обвинителство на Твитер објави дека се издадени 20 налози за претрес на 12 осомничени што припаѓаат на исламистички групи и се осомничени за разни злосторства, вклучувајќи и финансирање тероризам.

Прага – Повеќе од 60 лица се повредени во вчерашниот судир што се случи меѓу патнички и товарен воз кај Прага. Според првите информации, како што пренесуваат локалните медиуми, патничкиот воз налетал на друг воз за поштенски услуги што стоел на станицата Чески Брод, на 30 километри од Прага. Поради несреќата, железничкиот сообраќај е во прекин на таа многу фреквентна линија. Истрагата за причината за несреќата сѐ уште е во тек.