Канбера – Вториот по големина град во Австралија, Мелбурн, повторно ќе биде ставен под целосен карантин поради зголемување на случаите со коронавирус, изјави премиерот на Викторија, Даниел Ендрус. Повторното воведување на ограничувањата за излегување од дома ќе биде за шест недели, пренесе АП. Според информациите од медиумите, ситуацијата со коронавирусот сега е покомплицирана од пред неколку месеци и затоа мора да се преземат строги мерки за да се избегне трагедија.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон го отпушти министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, како дел од поголема реконструкција на кабинетот, по протестите за полициската бруталност. Макрон го именува поранешниот министер за буџет Герлад Дарманин, на местото на Кастанер, кој беше критикуван за полициските акции против демонстрантите. Макрон исто така ги смени министрите за правда и за екологија.

Берлин – Германската влада потроши повеќе од милијарда американски долари во текот на изминатите десет години за стационирање на американската војска на нејзина територија, соопшти Министерството за финансии, како одговор на пратеничкото прашање од пратеничката на левицата Бригита Фрајхолд, пренесе Ројтерс. Оваа информација доаѓа откако минатиот месец американскиот претседател Доналд Трамп објави дека наредил големо намалување на силите во Германија, од околу 34.500 војници на 25.000, бидејќи земјата, според Трамп, не плаќа доволно за својата одбрана во НАТО.

Вашингтон – САД „разгледуваат“ можност да се забрани употребата на кинеските апликации за социјалните медиуми, вклучувајќи го и Тикток. Ова го изјави американскиот државен секретар Мајк Помпео, јави Си-ен-ен. Коментарот на државниот секретар доаѓа во време на засилени тензии меѓу Америка и Кина, кои се прелеаја на неколку области, вклучувајќи ги националната безбедност, трговијата и технологијата.