Берлин – Германската влада смета дека нема да дојде до недостиг од „ремдесвир“ и покрај тоа што САД ги купиле сите резерви на овој лек против коронавирусот. Има доволно резерви, тврди портпарол на Министерството за здравство, пренесува „Дојче веле“. Портпаролот на Министерството за здравство во Берлин за западните медиуми соопшти дека лекот за терапија на корона-пациенти е обезбеден навреме и додава дека веќе во текот на оваа недела ќе биде дадена дозвола за лекот во Европа.

Тегусигалпа – Во Хондурас се убиени новинар и снимател на локална телевизиска мрежа во Ла Сеиба, трет град по големина во земјата, јавува „Ројтерс“. Новинарот и снимателот се убиени со истрели од огнено оружје додека ја вршеле својата работа. Меѓународните организации за човекови права сметаат дека Хондурас е една од најопасните земји во светот, а особено е опасна за новинарите. Од 2001 година, во Хондурас се убиени 82 новинари, медиумски работници и сопственици на медиуми.

Велингтон – Новозеландскиот министер за здравство, Дејвид Кларк, поднесе оставка по низа лични грешки за време на пандемијата на коронавирусот. Кларк себеси претходно се опиша како „идиот“ бидејќи ја прекршил мерката за карантин, по што минатата недела го обвини генералниот директор на здравството, Ешли Блумфилд, за пропусти на границите, што предизвика бес во јавноста.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека контролата на Владата врз социјалните медиуми ќе биде зголемена по наводните навреди упатени кон неговата ќерка и зет, кои на Твитер го најавија раѓањето на четвртото дете. Во телевизиското обраќање, Ердоган рече дека неговата влада е решена да воведе закони што ќе ги принуди компаниите на социјалните медиуми да воспостават легално присуство во Турција.