Вашингтон – Кандидатот на Демократската партија на претседателските избори во САД, Џо Бајден, соопшти дека нема да организира предизборни митинзи поради епидемијата на коронавирусот. Тоа е спротивно на ставот на неговиот противник Доналд Трамп, кој го одржа првиот митинг на својата кампања во Тулса, Оклахома, во јуни, и покрај здравствените предупредувања, пренесува „Би-би-си“.

Анкара – Брод што потона во езерото Ван во источниот дел на Турција превезувал меѓу 55 и 60 мигранти, изјави вчера турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, додавајќи дека досега се извлечени шест тела и во тек е истрага, пренесе АП. Во пребарувањето на теренот се вклучени хеликоптери и чамци. Причина за потонувањето на бродот било силното невреме. Локалните медиуми објавија дека мигрантите најверојатно се по потекло од Пакистан, Авганистан и Иран.

Вашингтон – САД ги купија речиси сите светски резерви на „ремдесивир“, еден од двата лека што се покажаа ефикасни против ковид-19, не оставајќи им ништо на Европа и остатокот од светот во наредните три месеци. Лекот што го произведува фирмата „Гилеад сајенсис“ е прв што американските власти го одобрија дека може да се користи во лекувањето на ковид-19. Истражувањата покажаа дека овој лек го забрзува заздравувањето за четири дена, но нема докази дека може да спаси повеќе животи.

Канбера – Австралиските власти воведуваат карантин за околу 300.000 луѓе во над 30 предградија во северниот дел на Мелбурн, а мерката стапи во сила од вчера на полноќ, јави АП. Мерката се воведува по двонеделниот двоцифрен пораст на бројот на новозаразени со ковид-19 и ќе биде во сила до крајот на месецов.