СЗО – Светската здравствена организација објави дека имало рекордно зголемување на заразени со коронавирусот во светот за еден ден, најмногу во Северна и во Јужна Америка. СЗО соопшти дека вкупниот број на 21 јуни се зголемил за 183.020, а повеќе од половина – 116.000 – биле во Америка. Здравствената агенција на ОН соопшти дека Бразил имал најмногу 54.771 нова инфекција, а следуваат САД со 36.617. Индија е трета со повеќе од 15.400. Америка има најмногу смртни случаи – повеќе од 219.000, покажуваат податоците на СЗО. Бројот на починати во Европа е над 193.000. Досега во светот, ковид-19, болест предизвикана од коронавирусот, уби повеќе од 466.000, а скоро 8,9 милиони биле заразени, објави универзитетот „Џонс Хопкинс“.

РУСИЈА – Рускиот претседател Владимир Путин размислува повторно да се кандидира за претседател доколку руските гласачи го одобрат контроверзниот уставен амандман. Русија од 25 до 1 јули ќе одржи национално изјаснување за предложените промени на Уставот, меѓу кои е амандманот што ќе му овозможи на Путин да се натпреварува за уште два шестгодишни мандати, кога во 2024 г. ќе му истече актуелниот мандат.
– Сè уште не донесов никаква одлука. Но не ја исклучувам можноста да се кандидирам за оваа функција, ако се појави таквата опција во Уставот. Ќе видиме – изјави Путин за државната телевизија.

ЈУЖНА КОРЕЈА – Јужна Кореја го повика својот северен сосед да се откаже од планот за испраќање пропагандни летоци на границата, откако Северна Кореја соопшти дека е подготвена да испрати 12 милиони летоци како дел од најголемата психолошка кампања против јужниот ривал. Непријателството на Корејскиот Полуостров нагло се зголеми минатата недела кога Северна Кореја разнесе меѓукорејска канцеларија за врски на нејзината територија на границата со Јужна Кореја, од гнев што Јужна Кореја испраќа летоци против неа. Северна Кореја најави дека ќе испрати летоци со пропаганда и ќе преземе други чекори за поништување на договорите од 2018 година, наменети за ублажување на воените тензии на границата.

САД/Њујорк – Американскиот природонаучен музеј во Њујорк ќе ја отстрани статуата на американскиот претседател Теодор Рузвелт на влезот, по забелешките низ годините дека симболизира колонијализам и расна дискриминација, објави градоначалникот Бил де Блазио.
Бронзената статуа, која се наоѓа на западниот влез на музејот во Централ парк, од 1940 година го прикажува Рузвелт на коњ, а до него стојат американски староседелец и Афроамериканец.