ГЕРМАНИЈА– Германската канцеларка Ангела Меркел вчера истакна дека пандемијата на коронавирусот ја покажа ранливоста на Европа и најави дека лајтмотивот на германското претседателство со ЕУ, од 1 јули, ќе биде заедничко и солидарно надминување на предизвиците. Обраќајќи се пред Бундестагот, Меркел истакна дека Берлин презема голема одговорност во време кога ЕУ е соочена со најголемиот предизвик и дека претседателството на ЕУ исто така е голем предизвик, бидејќи Германија мора да се посвети на надминување на кризата и да ја направи Унијата поотпорна.

САД – Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша законски предлог за воведување санкции против Кина, поради наводната репресија на Пекинг врз кинеското малцинство Ујгури од муслиманска вероисповед, објави „Ројтерс“.
Во исто време, контроверзната книга на поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, која крена прашина во Вашингтон, објави сведочења за тоа како Трамп наводно ја охрабрил Кина да не ги затвора присилните кампови за малцинските групи.
Ујгурите, кои се мнозинство во провинцијата Ксинџијанг, на крајниот запад на Кина, бараат поголема автономија.

НОВ ЗЕЛАНД – Владата на Нов Зеланд ги заостри законите за регистрација на оружје, со што го исполни ветувањето дадено откако вооружен маж уби 51 муслимански верник во најголемото масовно пукање во земјата минатата година. Ова е втор пакет закони преку кои Нов Зеланд спроведува реформи во врска со контролата на оружјето по масакрот во Крајстчрч, извршен од бел расист, кој ги уби своите жртви со полуавтоматско оружје. Најзначајната промена се однесува на новиот регистар на оружје, кој носителот на лиценца ќе треба да го обновува секогаш кога ќе купи или продава оружје.

ГЕРМАНИЈА/ Гитерслох – Илјадници луѓе се ставени во карантин по ширењето на коронавирусот во една кланица во Германија, во северозападниот град Гитерслох. Повеќе од 650 луѓе имале позитивен тест во погонот за преработка на месо каде што сите операции се прекинати. Досега се тестирани над илјада вработени, а уште илјадници чекаат да бидат тестирани. Германија доби многу пофалби за своето справување со епидемијата и иако има најмногу население во Европската Унија, досега има помалку од 9.000 починати од ковид-19. Владата донесе одлука за забрана на сите големи јавни собири до крајот на октомври.

УНГАРИЈА – Европскиот суд на правдата донесе одлука дека Законот што Унгарија го усвои минатата година, со кој се предвидува граѓанските организации да мора да откријат кои се нивните странски донатори, ги крши правилата на ЕУ што ги штитат основните права.