Брисел – ЕУ не може да смета на сертификати за имунитет при укинување на меѓуграничните контроли, рече еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес. Таа порача дека граѓаните заслужуваат шанса да патуваат и да ги посетуваат семејството и пријателите и дека ЕУ треба да им овозможи да го сторат тоа безбедно. Според неа, наместо сертификати за имунитет од ковид-19, потребни се превентивни мерки како одржување физичко растојание, развој на „стабилни“ стратегии за тестирање и обезбедување доволен капацитет за здравствена заштита во земјите на ЕУ, особено оние што се туристички дестинации. Повеќе европски земји веќе најавија дека ќе ги ублажат граничните контроли.

Женева – Светската здравствена организација (СЗО) ја паузира употребата на хидроксихлорокин во својата глобална студија на третмани на ковид-19 од безбедносни причини. Потегот следува по наодите од една голема студија, објавена во петокот, според кои постои ризик од срцеви проблеми и смрт кај пациенти со ковид-19 што користеле лекови против маларија, хлорокин и хидроксихлорокин. Главен поддржувач на хидроксихлорокин е американскиот претседател Доналд Трамп, кој откри дека го зема веќе некое време како заштита од ковид-19. Трамп се закани дека за еден месец ќе ги повлече САД од СЗО и дека трајно ќе го запре финансирањето на организацијата ако не се реформира.

Шарлот – Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја премести Републиканската национална конвенција ако има ограничувања на присуството поради пандемијата на ковид-19. Конвенцијата треба да се одржи во Шарлот, Северна Каролина од 24 до 27 август. Речиси 100.000 луѓе починаа од коронавирусот во САД, а многу сојузни држави донесоа разни мерки со кои ги ограничуваат собирите и движењето на граѓаните за да го спречат ширењето на вирусот. Трамп го повика демократскиот гувернер на Северна Каролина, Рој Купер, веднаш да им одговори на републиканците дали гарантира дека настанот ќе се одржи во полн капацитет како што е планирано. Од кабинетот на гувернерот одговорија дека одлуката ќе биде донесена врз основа на „податоци и научни факти“ и дека целта е да се заштити јавното здравје.