Вилијамсбург – Над 50 лица се повредени во верижен судир на автопат во американската сојузна држава Вирџинија, во кој учествувале речиси 70 возила. Локалната полиција соопшти дека верижниот судир бил предизвикан од намалената видливост од густата магла и замрзнатиот Автопат 64. Во болница биле пренесени 51 лице, повеќето со полесни повреди, додека, пак, 11 лица добиле посериозни повреди.

Вашингтон – Министерството за одбрана на САД побара од американските технолошки компании да ги здружат напорите за создавање програма за 5Г-мрежи со отворен код и со тоа да создадат алтернатива на кинеската компанија „Хуавеи“. Технологија на отворени далечински мрежи ќе овозможи мобилните оператори да купуваат готова опрема од разни произведувачи, наместо да порачуваат цели системи од еден, како што работи „Хуавеи“. Американската влада ја разгледува и можноста да им се понуди помош и на странските конкуренти на „Хуавеи“, како „Нокиа“, „Самсунг“ и „Ериксон“.

Виена – Австрискиот министер за внатрешни работи Волфган Пешорн изјави дека поради засилената контрола на границата, земјата од 2015 години досега потрошила 300 милиони евра. Според Пешорн, парите биле потрошени за дополнителното ангажирање на војската и полицијата, односно за полицајците Австрија платила 130 милиони евра, а 170 за ангажирањето на армијата во обезбедувањето на границата. Австриското МНР соопшти дека минатата година околу илјада имигранти се спречени нелегално да влезат во земјата.

Пекинг – Кинеските власти соопштија дека од 1 јануари 2020 година, Кина ќе ги намали давачките за повеќе од 850 увезени производи. Уште едно намалување е предвидено за 1 јули. Кинеското министерство за финансии се одлучи на ваков чекор за да се задоволи зголемената побарувачка од кинеските странски потрошувачи. Наредната година кинеските власти ќе ги променат тарифите за производи од 23 земји што постигнале договори за отстранување на меѓусебните трговски ограничувања.